за

Новиот Civic Type R се тестира на Нирбургринг

Шефот Таканобу им постави цел на инженерите. Тој бара Type R да го има најбрзото време на Нирбургринг за возила со преден погон. Со 300 КС и со по некој сокриен адут, шансите се големи.

Папараците го уловија новиот Civic Type R на тестирање на патеката Нирбургринг. Тоа е вистинското место за созревање на идниот топ модел во гамата на компактот на Honda, но и место на кое што идниот топ модел во гамата на Civic ќе им ги покаже мускулите на конкурентите. Шефот Таканобу им наложи на своите инженери да ги искористат сите потенцијали и ресурси за Type R да постави ново рекордно време на германската патека. Актуелниот рекорд во категоријата на возила со преден погон го држи Renault Megane Turbo RS265, со 8:07,79 минути.

honda civic type r 2

Секако дека за тоа е потребно најбрзиот Civic да постави нови стандарди и во поглед на моќноста и возните својства. Меѓу другото, Type R ќе користи технологиja од болидите со кои Honda учествува во светскиот шампионат со туристички возила. За погонот на Honda Civic Type R ќе биде задолжен дволитарски мотор со турбонатполнење и 300 КС.

honda civic type r 4

Спортските браници и праговите, исто како и проширените крила на возилото од фотографиите од тестирањето го откриваат идниот топ спортист во гамата на Civic. Фиксниот и доминантен заден спојлер исто така не отуствува. Спуштеното подвозје се подразбира и оди заедно со спортски систем за сопирање, со клешти во црвена боја кои се наѕираат зад бандажите, додека назад се воочуваат четирите издувни цевки. Стартот на продажбата е најавен за 2015 година, а салонската премиера може да се очекува веќе догодина.

Петгодишниот план вклучува кросовер и нов хибриден погон

Покрај Type R и суперспортскиот NSX, кој исто така е најавен за 2015 година, Honda работи и на кросовер што се развива со нагласок за европскиот пазар. Компактниот спортски теренец ќе ја користи техничката основа од идната генерација на Jazz. Според планот за претставување на новитети во следните пет години, Honda планира да воведе три различни системи за хибриден погон. Сегашниот систем IMA преоѓа на следното ниво од развојот, со цел да постигне најдобра економичност во класата. Во новата генерација на Accord, пак, ќе се користи помоќен хибриден погон. Палетата ќе ја дополни NSX, со погонски систем со три мотори, односно еден бензинец и два електромотора. Од 2015 година, во Европа, Јапонија и во САД ќе почне да се продава комплетно нова генерација на модел со погон на водород, со бројни технички подобрувања во однос на претходниците, но и со значително пониска цена.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ново име и нов концепт за BMW M3

„Волнена Буба“ победи на собирот во Травеминде