Наследникот на Veyron ќе се појави најрано кон крајот на 2015 година и ќе поседува хибриден погон со 1.500 КС. Со крајна брзина од 460 km/h, тој ќе ја зацврсти позицијата на најбрз автомобил во светот.
Паралелно со појавувањето на првите прототипи на тестирање по јавни патишта почнаа и гласините дека наследникот на Veyron ќе го носи името Chiron. Тоа име веќе го носеше една студија на Bugatti од 1999 година, со дизајн од Фабрицио Џуџаро. Со името Chiron, ултраексклузивната марка на Volkswagen му оддаде почит на тркачот Луи Александре Широн.
Уште од порано се зборува дека осумлитарскиот мотор W16 од актуелниот Veyron ќе добие поддршка од електромотор во наследникот Chiron. Моментно се тестираат пет прототипи со различни погонски единици, во лесно модифицирана каросерија од Veyron. На фотографиите што веќе ги испорачаа карпараците сепак се забележува дека има промени во задниот дел од возилото, односно во погонските компоненти.
Конфигурацијата на погонот нема да се менува, што значи дека моторот и натаму ќе биде поставен средишно и ќе го испорачува вртежниот момент до сите тркала. За преносот на сила ќе биде задолжен седумстепен менувач со двојна спојка. Новитетите во самиот мотор се преоѓање на директно впрскување и примена на турбополначи со електричен погон, коишто наскоро и Audi ќе започне да ги применува во сериските модели, како и електромотор вграден во самиот менувач.
Погонот ќе располага со толкава моќност што вртежниот момент ќе мора да се ограничи на 1.500 њутнметри. За споредба, 40-тонските влекачи располагаат со вртежен момент од околу 2.000 њутнметри. Крајната брзина на идниот Bugatti Chiron според компјутерските симулации изнесува 460 километри на час, а забрзувањето до сто би требало да трае помалку од 2,5 секунди. Присуството на цела артилерија од електронски системи за асистенција се подразбира во овој болид што тежи само малку под 2 тона. Исто како актуелниот модел, Chiron ќе биде класичен двосед, но со поголема просторна понуда во споредба со Veyron.
Во 2009 година Bugatti претстави и студија на ексклузивна лимузина со име Galibier, но таа нема да доживее реализација во сериско производство. Bugatti со четири врати, според шефовите на марката, само би ги збунил клиентите.