Новиот теренец на Volvo ќе има до 400 КС

До претставувањето на новиот XC90 остануваат помалку од два месеца. Претходно Швеѓаните го прикажаа конечниот изглед на ентериерот, сега следуваат и детали за моторите.

Volvo планира на голема врата да се врати во премиум сегментот во когошто припаѓаше некогаш. За тоа сведочи и изборот на благородни и природни материјали во внатрешноста. Во новиот XC90, чијашто премиера се очекува во август, ќе се користат само кожа, дрво, па дури и детали од кристали. Во кокпитот доминира огромен таблет за ракување со буквално сите функции во возењето – во средишната конзола се оставени само неколку обични копчиња. Полињата за ракување преку таблетот се распоредени исто како кај конзола со класични прекинувачи, односно најгоре е полето за навигација, во средина се радиото и телефонот, а најдолу е климатизацијата. При притискање на некое од овие четири полиња, целиот екран се префрлува на тој модус, со што значително се олеснува ракувањето.

XC90 ќе биде прв модел на Volvo со Apple Car Play, односно со вграден оперативен систем iOS, со подршка на сите функции што ги имаat iPhone& Co. Неколку апликации се претходно инсталирани во системот, на пример интернет радио, музички стриминг, навигација или барање слободно паркиралиште, со истовремена автоматска наплата на паркинрањето.

Новитети има и во инструментите. Место аналогни, теренецот користи целосно дигитална табла со инструменти, со можност возачот самостојно да го избира приказот, додека најважните информации ќе се прикажуваат на опционален проекциски дисплеј.

XC90 ќе биде и прв модел на Volvo што ќе се базира врз архитектурата SPA. Понудата на мотори ќе се состои исклучиво од четирицилиндарци со турбонатполнење. Врвниот модел T8 ќе има дволитарски бензинец со комбинација на турбина и механички компресор, плус електромотор – системската моќност ќе изнесува 400 КС, а вртежниот момент 640 Nm. Бензинецот ќе ги движи предните, а електромоторот од 82 КС задните тркала. Батериите ќе може да се полнат и надворешно, со приклучување на електрична мрежа, а возењето ќе биде чисто електрично или комбинирано, по избор на возачот – секако имајќи во предвид дека досегот со батериите изнесува 40 километри.

Вториот најмоќен модел вообичаено ќе ја носи ознаката Т6, ќе се нуди со преден или со погон на сите тркала и ќе вози со дволитарски бензинец со двојно турбонатполнење со 320 КС. Под него е T5 со 254 КС. Од дизелите, на располагање ќе стојат D5 со битурбонатполнење и 225 КС, како и D4 со 190 КС. Посилните модели фабрички ќе се испорачуваат со осумстепен автоматик, додека кај другите модели стандард е шестстепен мануелен менувач. До премиерата во август се очекува уште едно „јавување“ на Швеѓаните, со голема веројатност за новите безбедносни системи во врвниот теренец во понудата.

Претходна објаваАвтоиндустријата ќе троши петпати повеќе алуминиум до 2020
Следна објаваBMW M4 – Возење на работ, буквално!

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here