Европската комисија планира при изградба на нова куќа задолжително да се предвиди инсталација за поставување на полнач за струја за електромобил. Одлуката уште не е донесена, се предлага новата регулатива да стапи на сила веќе во 2023 година.
Новите градби во ЕУ во иднина задолжително ќе поседуваат инсталација за поставување на полнач за струја за електрични автомобили. Според предлогот што треба да стапи на сила во 2023 година, семејните куќи и другите помалуи објекти во иднина ќе мора да располагаат најмалку со соодветна кабелска инсталација за полнач за струја. Тоа го предвидува предлогот за измени на пакетот за енергетика на ЕУ.
Поголемите објекти ќе мораат да располагаат со најмалку еден полнач за струја на секои десет места за паркирање. Според Комисијата на ЕУ, цената за фиксен полнач за струја моментно изнесува до 75.000 евра. Тоа е цената за таканаречените суперполначи, на коишто електричните автомобили можат да достигнат наполнетост на батериите од 80 проценти за само 20 минути. Цената на обичните полначи за струја почнуваат од 1.000 евра.
Според предлогот, новата регулатива треба да стапи во сила најдоцна во 2023 година и да се применува како за нови, така и за санирани објекти.
















