за

„Новата“ Corsa не се докажа на тестовите: Заостатокот е огромен

Уште еден споредбен тест на когошто се потврдува заостатокот на Corsa во однос на конкурентите. Фото: auto motor und sport

Од успехот на Corsa зависи опстанокот на марката. Opel ја декларира Corsa како нов модел, но тестовите покажуваат поинаку. Заостатокот зад реално новите модели од конкуренцијата е огромен.

Минатата година Opel ја заврши со загуба од 1,4 милијарда долари. Тоа сведочи за драстично влошување на финансиската состојба во европската марка на General Motors. Во предминатата година, загубата на Opel ги чинеше Американците „само“ 869 милиони долари. За Opel да се врати на нормален курс потребно е новите модели да постигнат значителен пораст во продажбата, а тоа зависи директно од општиот квалитет на тие модели.

Од Риселсхајм силно се пропагира „новата“ генерација на Corsa. Но, јвна тајна е дека станува збор за најобичен фејслифт и единствениот квалитетен новитет е еднолитарскиот бензинец со турбонатполнење и 115 КС. Дали овој чекор на Opel во стил на челичното правило во трговијата – „купи (или направи) евтино, продади скапо“ – ќе функционира и кога Corsa ќе се соочи со конкуренцијата, први покажуваат тестирањата на реномираните европски магазини.

Во претходното споредбено тестирање на најголемиот европски авто магазин „Auto Bild“, Corsa беше убедливо поразена од реално новата генерација на Skoda Fabia. Сега малечкиот Opel е на ред да се докаже и на споредбениот тест на култниот „auto motor und sport“, кадешто Corsa се соочува повторно со „чешкото поло“ Skoda Fabia, со Renault Clio, Ford Fiesta и Volkswagen Polo. Во продолжение е оцената на германските експерти за наводно новата Corsa, во моделска изведба со трицилиндарскиот 1.0 Ecotec:

„Opel ја претставува Corsa E, којашто сосема очигледно се базира на D. Инженерите во секој случај го искористиле скромниот буџет оптимално. Просторната понуда и досега беше меѓу најдобрите во класата. Opel има многу простор особено на тврдата задна клупа – нормираниот простор за седење е поголем дури и од класата C. Возачот и совозачот исто така не се стискаат во Opel Corsa, иако седат на бедно обложени седишта, но барем амбиентот изгледа посвежо … Моторот се мачи со високата тежина на Opel Corsa и по кусото колебање при поаѓањето ја залетува заедно со исто така новиот, но по малку тежок менувач со шест степени. Сето тоа се одразува во потрошувачката на гориво, којашто и натаму не е меѓу силните страни на Corsa. Тврдата амортизација е од мала корист во свијоците, кадешто почнува рано да пролизгува со предните тркала, па згора и со минимална прецизност во сервоуправувањето со електромеханичка поддршка која што уништува секаква повратна информација од тркалата. Амортизацијата можело да биде помека, но тоа не го менува фактот дека Corsa е многу подобра. Но, дали е подобра и од ривалите?“

opel corsa testams2
Corsa е дури 158 килограми потешка од новата генерација на Fabia, што влијае на потрошувачката и возливоста. Opel очигледно го пропушти технолошкиот напредок во „новата“ Corsa. Фото: auto motor und sport

На крајот, Opel Corsa го завршува тестот со 32 бодови заостаток зад победничката Skoda Fabia. Магазинот заклучува: „Силните страни се зајакнати, слабостите се ублажени, но со силниот трицилиндарец е скапа и не е особено штедлива. Иако амортизацијата е тврда, управливоста на Opel Corsa е слаба.“

Тестовите само го потврдуваат фактот дека конкуренцијата вложува интензивно во развојот и усовршувањето на автомобилите и од оваа класа, и со половични средства не може да се создаде автомобил што ќе го заслужи врвот, а со тоа и духот на купувачите. Друг факт е тоа што Opel загуби 900 милиони долари од затворањето на фабриката во Бохум – без овој радикален чекор, загубата во иднина ќе беше уште подрастична. Народната „пушти рипче, фати крапче“ очигледно не функционира повеќе.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Грчката влада ќе ги продава службените автомобили

Германската марка Borgward се враќа во живот: Но, како?