Новата класа Е на Mercedes доаѓа во 2016 година

Швабите се во завршно тестирање на новата класа Е. Техниката се тестира во прототипи со модифицирана каросерија од актуелната класа С. Линиските шестцилиндарци се враќаат во замена за актуелните мотори V6.

Под модифицирана каросерија од класата С моментно се тестираат погонската спрега, сопирачките, електрониката и подвозјето на новата класа Е. Актуелниот модел со кодна ознака W212 е присутен на пазарот од 2009 година и во минатата година го доживеа најобемниот фејслифт во историјата на марката од Штутгарт. Mercedes инвестираше 1 милијарда евра во освежувањето на стратешки важниот модел. Новата класа Е ќе ја користи платформата MRA од актуелниот модел од средната класа, со обемна примена на алуминиум, што ќе ја задржи тежината на идниот модел на максимално 1,5 тон. Платформата MRA е воедно предвидена и за примена на хибридни системи и чист погон на струја.

mercedes e2

Исто како новите генерации на класите S и CLS, идната бизнис лимузина ќе ја пренесува силата на моторот преку деветстепен автоматски менувач. Големи новитети ќе има под хаубата. За прв пат по 1990-те години повторно ќе има линиски шестцилиндарец под хаубата на Mercedes. Станува збор за новиот трилитарски дизел со ознака OM 656. Причината за преоѓање на линиска конфогурација е намалување на трошоците, по пример на конкурентот BMW. Исто како кај Баварците, моторите на Mercedes ќе се темелат на принципот на унифицирана големина на цилиндар од 0,5 литар, а различни зафатнини на моторот ќе се постигнуваат со изведување на конфигурација со три, четири и шест цилиндри, со идентично растојание меѓу цилиндрите.

Во 2017 година ќе следува и новиот трилитарски бензинец M256, со битурбо натполнење и моќност во дијапазон меѓу 367 и 430 КС. Понудата ќе ја дополнат дволитарскиот четирицилиндарец со кодна ознака M254, како и неговиот дизелски брат OM654. Моторот V8 ќе остане во понудата, со поголема моќност и намалена потрошувачка и емисија на штетни материи.

Во ракувањето во кокпитот се воведува големо поле на допир по пример на лаптоп, а бројот на копчиња на воланот ќе се сведе на минимум. За интеграција на мобилни телефони ќе стои на располагање Car-Play од Apple, заедно со верзија за Android. Дизајнот на кокпитот ќе се раководи според класата С, со поширока и повисока средишна конзола. Каросеријата исто така ќе добие во ширина, ќе изгуби неколку сантиметри во висина, меѓу другото за да се постигне подинамичен изглед и подобрена аеродинамика. Багажникот ќе го задржи сегашниот волумен, а резервоарот ќе се смали по примерот на моделот од средната класа. Понудата од каросериски верзии, покрај класичните лимузина и комби, вообичаено ќе ја придружуваат кабриолет и купе изведби.

Претходна објаваTesla и Panasonic ќе градат гигантска фабрика за батерии
Следна објаваСтудија на Smart: Порто е „најсреќен“ град за живеење

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here