Автомобилските статистики секогаш откриваат податоци што ќе ги заинтригираат ентузијастите. Кој народ во Европа вози најскапи автомобили, кој ги има најсилните автомобили, кој преферира автоматски менувач, сето тоа се открива во оваа детална статистика за 2013 година спроведена на ниво на 28-те земји членки на ЕУ.
Најголем број патнички автомобили по држава се продаваат во Германија, која со 2,95 милиони возила или учество од 25 проценти во вкупната продажба на возила на пазарот, предничи пред Велика Британија со 2,26 милиони возила (19%) и Франција (1,75 милиони, 15%). Зад водечкото трио следат Италија, со 1,28 милион возила, Шпанија (722.703 возила), Белгија (486.065 возила), Холандија (417.024 возила), Швајцарија (307.846 возила), Австрија (319.035 возила), Шведска (269.552 возила) и Данска со 181.270 патнички автомобили. Набројувањето продолжува со Норвешка, Португалија, Финска, Ирска, Грција и Луксембург.
Најскапи автомобили возат Норвежаните. Во просек, секој продаден автомобил во 2013 година во скандинавската држава чинел 45.120 евра. За високата вредност сепак придонесуваат и соодветно високите даноци и давачки за регистрација. Втори најголеми плаќачи се Швајцарците со 32.195 евра по автомобил, пред Швеѓаните со 32.013 евра, Финците (31.472) и Данците со 30.875 евра по автомобил. Единствено уште Луксембург е над триесетката, со 30.341 евро, додека Германците, како автонација, следуваат дури на седмото место, со 28.870 евра.
Потоа бројките опаѓаат приближно линеарно, според редоследот: Австрија, Португалија, Холандија, Велика Британија, Белгија, Ирска, Франција, Шпанија, Италија – и единствена со вредност под дваесет илјади евра и последна во списокот – Грција со 19.906 евра по автомобил. Просекот на ниво на ЕУ-28 изнесува 25.561 евро.
Дизел моторите се најпопуларни во Луксембург и тоа е едно од големите изненадувања во оваа статистика. Дури 73 проценти од продадените автомобили имаат дизел мотор во богатата држава. Неочекувано високо се Португалија и Ирска, обете со по 72 проценти, пред Шпанија со 67 и кралството на дизелите, Франција, дури на петтото место со 66 проценти. Во Белгија, две од три продадени возила трошат дизел (65%), а високо на списокот се наоѓа и Шведска со 61%. Следи нашиот јужен сосед Грција со 58%, пред Австрија (57%), Италија (54%), Норвешка (53%), Велика Британија (50%), Германија (48%), Швајцарија (37%), Финска (37%), Данска (32%) и на крајот Холандија со 25 проценти дизели. Просекот на ниво на ЕУ-28 изнесува 53 проценти.
Хибридни автомобили – не сметајќи ги плагин-хибридите, односно хибридите што имаат приклучок за полнење на батериите на струја – најмногу се продаваат во Норвешка. Учеството на класичните хибридни автомобили тука постигнува пристојно ниво со приближно седум хибриди на 100 продадени возила, односно 6,7 проценти. Блиску е Холандија со своите 5,7 проценти, но веќе на третото место следува голем пад, со 2,6-те проценти на Франција. Над два проценти имаат само уште Финска и Швајцарија, обете со по 2,2 проценти. Потоа следат Шведска (1,9%), Шпанија (1,4%), Велика Британија (1,3%), Белгија (1,2%), Италија (1,1%) и Португалија (1,0%). Останатите земји се под еден процент, вклучувајќи ја и Германија, со 0,8%, исто колку Австрија и Ирска. Следат Грција, Луксембург и Данска. Просекот на ниво на ЕУ-28 изнесува скромен 1,4 процент.
Автогасот или LPG најмногу се користи во Италија, каде што учествува со 14 проценти. Тоа е дури десетпати повеќе од втората земја по популарност на автогасот, Шведска, со 1,4 процент. Останатите земји се Португалија и Ирска (0,8%), Холандија (0,6%), Германија (0,4%), Швајцарија (0,3%), Франција и Австрија (0,2%) и Финска и Грција со по 0,1 проценти. Просекот на ниво на ЕУ-28, единствено поради високото учество во Италија, изнесува 1,4 процент. Во Велика Британија, Шпанија, Белгија, Данска, Луксембург и Норвешка, автогасот речиси и не се користи за патничките автомобили.
Алкохолот (етанол или Е85) се користи во статистички релевантна бројка единствено во автомобилите во Шведска и во Финска, каде што постигнува учество од 1,2%, односно 0,4 процент. Според статистиката, најмногу вакви возила потекнуваат од марката Volvo, каде што половина процент од продажбата на марката во ЕУ-28 се возила приспособени за E85, но и од Dacia (0,2%) и Volkswagen и Ford со по 0,1 процент.
Електрични автомобили и плагин-хибриди се продаваат најмногу во Норвешка и во Холандија. Благодарние првенствено на солидните даночни олеснувања и повластиците во секојдневната експлоатација, во овие две држави електричниот погон достигнува примерни вредности со учество од 5,79, односно 5,43 проценти. Учеството во третата земја во списокот е десетпати помало – електромобилите во Швајцарија учествуваат со 0,57 процент, во Шведска со 0,65 и Франција со 0,52 процент. Останатите држави по редослед се Луксембург, Данска, Австрија, Германија, Финска, Португалија, Велика Британија, Белгија, Шпанија, Италија, Ирска и последна Грција, со 0,01 процент или еден електромобил на 10.000 продадени автомобили. Просекот на ЕУ-28: Само 0,42 процент.
Автоматскиот менувач е најпопуларен таму каде што купувачите располагаат со солиден буџет за доплата за истиот – 63 проценти од автомобилите во Луксембург имаат автоматски менувач, што е приближно два од секои три автомобила. Шведска следи со 41 процент, пред Швајцарија со 38 проценти, Финска (37%), Норвешка (37%), Германија (29%), Холандија (27%) и Велика Британија (25%). Останатите држави се под 20 проценти: Франција, Австрија, Италија, Белгија, Ирска, Португалија, Грција, Шпанија и Данска на последното место со 9 проценти. Просекот е 21 процент.
Погон на сите тркала најчесто имаат автомобилите во Швајцарија, каде што нивното учество достигнува дури 36 проценти. По алпската држава следуваат скандинавските земји, Норвешка и Шведска со 33 и 29 проценти, па богатиот Луксембург (22%), Австрија (21), Финска (16%), Германија (15%), Велика Британија (11%) и Италија (10%). Останатите држави се под десет проценти: Франција, Шпанија, Белгија, Холандија, Грција, Ирска, Португалија и Данска на последното место со само 1 процент. Европскиот просек е 12 проценти.
Погон на задните тркала најмногу се бара во Португалија. Дванаесет проценти од продадените автомобили имаат погон назад, што е повеќе дури и од Германија, каде овие возила учествуваат со 11 проценти или Велика Британија, со 10 проценти. Потоа, повеќе очекувано, следи Луксембург (9%), па Белгија (8%), Холандија (6%), Ирска (6%), Италија, Шпанија, Шведска, Финска, Швајцарија и Норвешка (сите со по 5%), за со по четири проценти да следат Австрија, Данска и Грција. Неочекувано ниско учество на задниот погон има во Франција, со само 3 проценти, што од друга страна произлегува и од отсуството на домашните марки во сегментот на бизнис и луксузните лумузини.
Најмногу коњски сили, како една од најинтересните категории во статистиката, имаат автомобилите на Швајцарците. Со 113 КС во просек, тие се за три коњски сили „посилни“ од секогаш високо пласираните Луксембуржани, од Швеѓаните (104 КС), Германците (101 КС), и Финците и Норвежаните со по 95 КС. Спортски настроените возачи во Велика Британија располагаат со 93 КС, Австријците возат со 88 КС, Шпанците и Белгијците со по 84 КС, Холанѓаните со 82 КС и Португалците со 81 КС. Франција има 80 КС по автомобил, Италија 76 КС, во Данска се доволни 72 КС, а во Грција 69 КС. Просечниот европски автомобил купен во 2013 година имал 89 КС.
Мотори со најголема работна зафатнина имаат автомобилите во Луксембург, со просечно 1861 сантиметар кубен по автомобил, и не изненадува што потоа повторно следуваат Швајцарија со 1811 cm3 и Шведска со 1784 cm3. На четвртото место е Германија со 1732 сантиметри кубни, пред Норвешка (1721 cm3), Финска (1648 cm3), Велика Британија (1647 cm3), Австрија (1639 cm3) и Шпанија и Белгија со по 1600 cm3. Останатите по редослед се Ирска (1578 cm3), Франција (1543 cm3), Португалија (1525 cm3), Италија (1483 cm3), Холандија (1441 cm3), Грција (1363 cm3) и Данска со 1359 сантиметри кубни. Просекот е 1616 сантиметри кубни.
Како збир на сите овие категории, од статистиката произлегува дека просечниот западноевропски автомобил чини 25.561 евро, задвижуван е од дизел мотор кој ја испорачува силата до предните тркала преку мануелен менувач, располага со моќност од 89 КС и има мотор со работна зафатнина од 1.616 сантиметри кубни.
















