Колку е скусен патот на сопирање кај актуелните модели во споредба со моделите од пред неколку генерации? Дали тешките и големи лимузини сопираат послабо од малечките и лесни градски автомобили? Дали гумите со намален отпор на триење се добар избор? На сите овие и на други прашања следат одговори што произлегуваат од над 500 тестирани автомобили од страна на клубот АДАК.
Мерењето на патот на сопирање е важен дел од секое тестирање на автомобил. Тоа е важен безбедносен аспект, затоа што треба да го спречи судирот. Клубот АДАК во последните четири години тестираше над 500 автомобили, вклучувајќи и мерење на патот на сопирање кај секој од нив, од што произлегуваат мошне вредни заклучоци и сознанија.
Следниов пример покажува зошто неколкуте метри разлика во патот на сопирање се решавачки за безбедноста. Најкус пат на сопирање во последните години е измерен кај Porsche 911 Carrera Cabriolet, со 31,3 метри, додека најдолг пат на сопирање има Citroen Jumper Combi, со 47,8 метри. Обете вредности се однесуваат на запирање од брзина од 100 километри на час. Овие вредности укажуваат на следното: На местото кадешто Porsche е запрен, Citroen пролетува со 55 километри на час. Во случај залетаното комби да удри во спортскиот автомобил пред него, тоа би имало тешки последици за патниците.
https://automedia.mk/objavi/25711
Тежината на возилото не е решавачки фактор
Должината на патот на сопирање не е директно зависна од тежината на возилото. Доколку сопирачките се димензионирани според повисоката маса, потешките возила може да имаат и покус пат на сопирање отколку помалите и полесни возила. Mercedes S 500 со тежина од 2.295 килограми запира од 100 km/h по 32,6 метри, што е исто колку и за половина полесниот и помал Mini One D, со неговите 1.220 килограми и 32,7 метри пат на сопирање. Во секој случај, обете вредности се одлични.
Мора да се обезбеди стабилност при сопирање
При димензионирањето на системот за сопирање не само што мора да се земе во предвид патот на сопирање, туку и стабилноста при сопирањето. Возилото мора да ја задржи стабилноста при силно сопирање. Задната оска не смее да сопира пресилно, инаку автомобилот ќе излизга. Тоа се решава полесно кај спортските возила со ниско тежиште и релативно долго меѓуоскино растојание, затоа што е помало динамичното поместување на оптоварувањето на оската. Тоа значи дека на задната оска може да се распредели поголема сила на сопирање и на тој начин да се скуси патот на сопирање. Тоа е една од причините зошто спортските модели генерално постигнуваат покус пат на сопирање.
Напредокот низ неколку генерации на модели
Со текот на годините постојано се скусува патот на сопирање, меѓу другото и поради фактот што гумите располагаат со оптимиран контакт со подлогата. Пневматиците мора да ја пренесат силата од моторот врз патот и поради тоа претставуваат еден од важните аспекти за моќта на сопирање. Секако дека и постојаното подобрување на ефикасноста на ABS-системите и подвозјето игра важна улога.
Измерени вредности на патот на сопирање кај неколку генерации на Volkswagen Golf:
| Модел (Година на тест) | Пат на сопирање |
| Golf IV (2001) | 39,5 m |
| Golf V (2004) | 37,5 m (-2,0 m) |
| Golf VII (2013) | 33,6 m (-3,0 m) |
Добрите сопирачки не се одлика само на скапите модели
Кус пат на сопирање повеќе не е својствен само за скапите модели, туку веќе се постигнува и во сегментот на градските автомобили, како и во компакт класата. Секако дека услов за тоа е возилото да поседува модерни и квалитетни гуми. Истото се покажува во следната табела, во којашто Mini Cooper или Seat Leon постигнуваат покус пат на сопирање дури и од суперспортскиот Audi R8.
| Марка | Модел | Пат на сопирање | Датум на тест |
| Mini | Cooper | 33,0 m | 4/2014 |
| Audi | A7 Sportback 3.0 TDI ultra | 33,0 m | 12/2014 |
| SEAT | Leon ST 1.6 TDI | 33,1 m | 2/2014 |
| Porsche | Cayman | 33,1 m | 5/2013 |
| VW | Golf Variant 2.0 TDI BMT | 33,1 m | 8/2013 |
| Mercedes | E 400 Cabriolet | 33,1 m | 5/2014 |
| Audi | R8 Spyder V10 | 33,2 m | 9/2013 |
Во сегментот на доставните возила се среќаваат модели со долг пат на сопирање, на пример Citroen Jumper со 47,8 метри, но не мора да значи дека сите модели во тој сегмент располагаат со слаби сопирачки. На Mercedes V 250d за сопирање од 100 километри на час му се доволни 36,6 метри. Тоа само укажува дека сопирачките и гумите се конструирани и изведени правилно.
Гумите за терен и за цела сезона се лош избор
Гумите за цела сезона, M+S и гумите за цела сезона, коишто честопати се користат кај големите теренци и транспортери, не се најдобар избор за возење по асфалт при суво и топло време. Порати тоа, типичните гуми од овој сегмент при тестот на сопирање покажуваат многу слаби резултати.
| Марка | Модел | Пат на сопирање | Гуми | Датум на тест |
| Ford | Ranger 2.2 TDCi Doppelkabine | 41,1 | Good & Year Wrangler HP Allweather M+S 112H | 6/2012 |
| Ford | Tourneo Custom 300L1 2.2 TDCi | 41,4 | Bridgestone Duravis Light Truck 109/107R | 6/2013 |
| Toyota | RAV4 2.0 D-4D | 42,2 | Yokohama Geolander G91 102H | 4/2013 |
| Opel | Combo Combi 1.4 CNG Turbo ecoFlex | 42,6 | Pirelli Chrono 99/97T | 9/2012 |
| Peugeot | 2008 120 VTi | 42,7 | Good Year Vector 4 Seasons M+S 89V | 6/2013 |
| Nissan | Navara Double Cab 2.5 dCi | 44,7 | Continental CrossContact LX (M+S) 110T | 5/2012 |
| Citroen | Jumper Kombi 30 e-HDi 150 | 47,8 | Pirelli Chrono Four Seasons M+S 112/110S | 11/2014 |
Гумите за штедење гориво го продолжуваат патот на сопирање
Гумите со намален отпор на триење имаат значителен заостаток во споредба со гумите коишто постигнуваат подобро држење за подлогата, односно патот на сопирање им е подолг и до 20 проценти. Тоа го докажува следниот пример:
| Марка | Модел | Пат на сопирање | Гуми | Датум на тест |
| Ford | Fiesta 1.0 EcoBoost | 34,9 | Conti Premium Contact 2 84V | 1/2013 |
| Ford | Fiesta 1.6 TDCi ECOnetic | 42,4 | Michelin Energy Saver 82H | 7/2012 |
Патот на сопирање во последната деценија континуирано се подобруваше и според резултатите од тестовите на 500 автомобили од страна на клубот АДАК, просечната вредност на патот на сопирање денес изнесува околу 36,4 метри.
Кај постарите возила мора да се одржува поголемо растојание
Кај постарите возила исто така може да се подобри патот на сопирање, доколку системот за сопирање се одржува редовно и се користи модерна генерација гуми, внимавајќи на правилниот притисок во гумите. Просечниот пат на сопирање пред десет години изнесуваше околу 40 метри. Тоа значи дека возачите на постарите возила мораат да внимаваат повеќе во сообраќајот и да одржуваат соодветно растојание од возилата пред нив, затоа што подолгиот пат на сопирање може да предизвика критична ситуација при нагло сопирање во колона – кога возилото напред има значително покус пат на сопирање.
Предноста од постојаното подобрување на патот на сопирање се огледува во намалувањето на бројот на незгодите и последиците од истите. Добрите сопирачки спречуваат од судир или истиот се случува со значително пониска брзина, така што и последиците од судирот се поблаги.
















