за

На дизелот не му е пишано во САД: Историјата се повторува

Имиџот на дизелот во САД веројатно е уништен засекогаш. По скандалот со Volkswagen нема да има доволно време за поправка на имиџот, автомобилите дотогаш ќе возат на струја или вода. Но, дизелот веќе еднаш беше исфрлен од американскиот пазар.

Според сите пишани и непишани правила, Америка би требало да биде ветената земја за дизел моторите. Далечните патувања, на места недоволно раширената мрежа од станици за точење гориво и возењето со умерена и постојана брзина се совршени услови за дизел моторите. Во почетокот на 1970-те години, истото мислење го делеа и во General Motors.

Во екот на нафтената криза, автомобилските концерни имаат големи проблеми со продажбата на нивните тешки и ненаситни лимузини. Американските возачи беа навикнати на мотори со голема работна зафатнина и решението не можеше да се бара во вградување помали и посовремени мотори во помали и полесни автомобили. Автомобилите на Американците мораа да имаат голем мотор. Според тоа, единственото решение беше да се задржи големата работна зафатнина, но затоа да се смени горивото.

Решението дојде од Oldsmobile: Дизел V8 од 5,7 литри со 120 КС и голем конструктивен пропуст

Марката Oldsmobile доби задолжение да развие дизел мотор со осум цилиндри во V. Американските инженери немаа апсолутно никакво искуство со дизел техниката, а дополнително беа под притисок на времето. Шефовите притискаа дизел моторот да се појави порано и на купувачите да им се понуди нешто револуционерно. Големиот дизел V8 конечно беше готов за сериско вградување во 1977 година и се најде во многуте марки на концернот, почнувајќи од Buick и Cadillac, до Pontiac и Chevrolet.

Oldsmobile беше горд на својот „напреден“ дизел и го вградуваше во дури 19 модели
Oldsmobile беше горд на својот „напреден“ дизел и го вградуваше во дури 19 модели

Осумцилиндарецот со зафатнина од 5,7 литри беше моќен, а во исто време штедлив. Но, техниката не му беше силна страна. За прицврстувањето на главата на моторот беа предвидени премалку завртки, поради што голем број мотори продувуваа по само неколку илјади километри. Овој проблем во почетокот уште не беше откриен и продажбата на автомобили со дизел мотор за кусо време се искачи, достигнувајќи преку половина милион примероци во 1981 година. Дизелите тогаш постигнаа пристојно пазарно учество од близу 5 проценти. Но, цените на горивата во меѓувреме се спуштија на нормалното ниво. Дополнителен удар беше и тоа што станиците за точење гориво никогаш не успеаја да го решат проблемот со нечистотијата во дизелот.

Тогаш почнаа да се пројавуваат и техничките недостатоци на дизел моторот на Oldsmobile. За кусо време, купувачите изгубија секаков интерес за штедливиот и моќен V8, па дури и за во меѓувреме изведената варијанта V6, која успеа да ги надмине детските болести. Последниот автомобил со дизел мотор од американска продукција ги напушти производствените ленти во 1985 година. Многуте „преживеани“ мотори V8 во текот на годините беа префлени на погон на бензин, со масивен и цврст блок што издржуваше многу. Некои преостанати примероци од овие дизел модели денес се ценети колекционерски примероци.

„Европскиот“ дизел се нуди и во актуелните модели на Chevrolet и останатите марки на GM

Американските купувачи веќе одамна ја имаа заборавено оваа катастрофа со дизелот. Домашната автоиндустрија оттогаш целосно се откажа од дизел моторите и им даде шанса на автомобилите со електричен и хибриден погон. Германските производители увидоа шанса за модерните дизел мотори и во почетокот на милениумот извршија нов напад на американскиот пазар со нивните модели со таканаречен „Clean Diesel“. Иако цената на бензинот и натаму е на ниско ниво, дизелот сепак успеа да постигне солиден пазарен удел. Лани, автомобилите со дизел мотор постигнаа учество од близу три проценти. Главнината, односно дури 94 проценти од овие автомобили, потекнуваат од германските марки.

Дали Cruze со дизел мотор од Opel во реалноста би имал подобра емисија од VW? Аферата „Дизелгејт“ не се знае до каде може да досегне
Дали Cruze со дизел мотор од Opel во реалноста би имал подобра емисија од VW? Аферата „Дизелгејт“ не се знае до каде може да досегне

Во споредба со Европа, американскиот пазар и натаму е ветена територија за дизел моторот. Пазарниот удел на дизелот во Западна Европа изнесува 53 проценти. Тукашната индустрија би можела без проблеми да ја преживее потенцијалната криза на дизелот во САД, но доколку дојде до пад на интересот и на пазарот во Европа, тогаш индустријата би морала да се загрижи. Покрај тоа што дизелот носи продажби, тој придонесува во голема мера и за просечната емисија на СО2 на целиот возен парк на марките да се одржува во дозволените еколошки норми. Производителите на автомобили не би можеле да ги достигнат строгите еколошки ограничувања за емисијата на СО2 само со бензинските мотори.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шефот на Porsche доаѓа на местото на Винтеркорн во Volkswagen

Tesla отвори фабрика за автомобили во Холандија