за

Најлудите автомобили со шест тркала

Некои автомобили се чинат толку совршени во својот концепт што единствена можност за подобрување им е зголемувањето на бројот на тркала. Ова се десетте најоткачени шесттркалци.

Во последниве денови не може да се крене глава од овие автомобили со шест тркала. Прво Mercedes го претстави G63 AMG 6×6, потоа работата врз овој ултимативен теренец ја презеде во раце тјунерската работилница Brabus и направи своја верзија од „Гелендеваген“, па во петокот се јави и Dartz со нивна верзија, за на крајот да се појави и Dacia Dustruck со шест тркала. Тоа значи само едно: Време е за Топ 10 меѓу автомобилите со шест тркала.

1. Covini C6W

covini (Medium)

Италијанците го изненадија светот со Covini C6W во 2004 година. Спортски автомобил со шест тркала не се среќава секој ден. Моторот V8 од 4,2 литри му обезбедува на шесттркалецот крајна брзина од 300 km/h. Многумина претпоставуваа дека автомобилот ќе се однесува поразлично поради четирите тркала напред, но во практиката се покажа дека автомобилот реагира сосема нормално. Во секој случај, автомобилот на Covini привлече внимание.

 

2. Tyrell P34

tyrell (Medium)

Во средината на 1970-те години, Tyrell се појави со овој формула 1 автомобил со шест тркала. Четирите предни тркала со пречник од 10 инчи имаа понизок отпор и поголем контакт со асфалтот во споредба со конвенционалниот принцип со две тркала. Во 1977 година P34 ги освои првите две места на трката за големата награда на Шведска. Тоа и официјално е единствениот случај автомобил со шест тркала да победи на трка. Концептот сепак не се докажа и идејата брзо се напушти.

 

3. Rinspeed Dock + Go

rinspeed (Medium)

Оваа креација на Rinspeed врз база на електричната верзијa на Smart ForTwo и не беше толку луда. Во „приколката“ имаше дополнителна батерија, за прикачување и возење на подолги релации со погон на струја. Автомобилот не доживеа сериско производство, но не е исклучено дека генијалната идеја некогаш ќе биде применета од големите производители.

 

4. Citroen CX Loadrunner

cx (Medium)

Овој гигантски автомобил е веројатно најпрактичниот шесттркалец во овој Топ 10. Сите ги имаме видено тешките комбиња со двојна задна оска. Овој CX е комбинација од такво комбе и патнички автомобил. Француската компанија Tissier произведе солидна серија примероци од моделот, којшто беше совршен за брз превоз на стока низ Европа.

 

5. Dartz Hard Drive 6×6 G

dartz (Medium)

Бизарниот Dartz со шест тркала има 1.019 КС и со доплата се добива во блиндирана верзија. Стандардно се добива митралеска кула на покривот. Дали ова возило е корисно за нешто? Веројатно не, но сигурно има нешто добро што се држи во тајност.

 

6. FAB 1

fab1 (Medium)

Ford Thunderbird се трансформираше до непрепознатливост специјално за филмот „The Thunderbirds“ во 2004 година, со огромна каросерија, футуристички изглед, розов лак, и секако, шест тркала. Освен тоа што вози по асфалт, FAB 1 лета и плови. Од каросеријата излегуваат крила, а во опашот е вградена гасна турбина. Автомобилот е реален и навистина се вози, но летањето и пловењето му се послаби страни.

 

7. Panther 6

panther (Medium)

Ако барате автомобил од малечка британска мануфактура и 8,2-литарски мотор V8 од Cadillac, со два турбополначи и шест тркала, нема подобар избор од Panther 6. Според историските записи, автомобилот бил способен за 320 km/h, но никогаш не ја постигнал таа брзина. Само два примерока биле произведени во 1977 година. Покривот е отстранлив, кабината е климатизирана, има и противпожарен апарат, електромотори за седиштата и прозорците, телефон и телевизор.

 

8. Mansory G63 AMG 6×6

mansory (Medium)

Суперверзијата на G63 AMG со шест тркала има 840 КС, односно 300 повеќе од стандардниот модел. Каросеријата е целосно изработена од карбон, но тоа не помага многу, затоа што возилото и натаму тежи како тенк. Барем возилото нема да заглави толку брзо, затоа што минува секогаш и секаде.

 

9. Dacia Dustruck

dacia (Medium)

Ова е поевтината алтернатива на Mercedes G63 AMG. Не е познато колку Романците ќе го наплаќаат овој пикап, но сигурно ќе биде подостапен од Dartz.

 

10. Mini XXL Stretch Limo

mini (Medium)

Овој автомобил е во контрадикција во неговото име, затоа што е џиновско Mini. Во 2004 година се појави овој шестметарски Mini Cooper S со шест тркала. Дополнителниот простор се искористи на најдобриот начин. Назад се наоѓа базен. Што повеќе да посака човек од тоа?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Неоданочен викенд за тестирање на Ford

Abarth Biposto е официјален автомобил на Гамбол 3000