Специјализираното издание за теренски возила на германскиот Auto Bild го подложи на супертест од 100.000 километри кинескиот плагијат на BMW X5, Shuanghuan CEO. Резултатот?
Цела каросерија разјадена од корозија, редовно протекување масло од сервоуправувањето и искривени сопирачки дискови – тоа е само кусиот биланс од супертестот на Shuanghuan CEO на 100.000 километри во специјализираното издание за теренски возила Auto Bild Allrad. Главниот уредник Бернхард Вајнбахер нема намера да го поштеди автомобилот од каква било критика: „Ова е неспоредливо најлошиот автомобил што воопшто сме го имале на возење.“
Во изданието што излезе од печат денес, Auto Bild Allrad заклучува: Каросеријата и издувниот систем на CEO се целосно кородирани по четири години, а речиси сите делови од опремата се оштетени значително. Покрај тоа следат технички недостатоци што се опасни по животот, како кородирани сопирачки дискови, неприфатливо голем зјај во управувањето, како и потемнети светла.
Возилото што се појави на европскиот пазар пред седум години се прослави како „Х5 по половина од цената“, затоа што според изгледот беше стопроцентен плагијат на дизајнот на BMW. По судската тужба на Баварците, во мај 2009 година беа уништени сите 140 примероци од возилото регистрирани како службени возила. Auto Bild Allrad проценува дека 60 до 80 примероци од CEO останале во приватна сопственост, од кои што денес половината се уште возат по германските патишта.
Секако дека резултатот на Shuanghuan не се однесува општо на целата кинеска индустрија на автомобили. Оттогаш многу марки се издигнаа, благодарение меѓу другото и на масивната соработка со големите производители на автомобили. Great Wall веќе има изградено фабрика во Бугарија и оттаму ги пласира автомобилите на целиот европски пазар, а наскоро ќе стартува и Qoros, којашто постигна најдобри резултати на краштестовите на Euro NCAP од сите тестирани автомобили во минатата година.

















