за

Најголемите иновации во 2015 според американскиот „Popular Science“

Американскиот магазин за наука Popular Science ги избра најголемите иновации за 2015 година во автомобилската сфера. Во изборот доминираат електронските системи, но има и едно воено возило.

Годината се приближува кон крајот, време е за ретроспектива на изминатите дванаесет месеци. Тоа секоја година го прави американскиот магазин за наука „Popular Science“, издвојувајќи ги техничките иновации во новите автомобили кои што заслужуваат особено внимание. Според оцените на уредниците на „Popular Science“, меѓу највисоко пласираните иновации во 2015 година е серијата 7 на BMW, со можноста за ракување со функциите на возилото преку гестикулација, како светска премиера во автомобил од сериско производство, заедно со интелигентниот клуч за возилото.

Ракувањето по пат на гестикулација во новата серија 7 на BMW ги одушеви уредниците на Popular Science
Ракувањето по пат на гестикулација во новата серија 7 на BMW ги одушеви уредниците на Popular Science

Сензор во средишната конзола ги препознава движењата со дланката, како „покажување“ или „замавнување“, по што следи соодветно активирање на функцијата, на пример, одбивање или прифаќање на телефонски повик. Со движење на показалецот во круг се регулира и силината на звукот од радиото. Клучот од возилото во исто време служи и како далечински управувач, кој на возачот му овозможува да излезе од возилото и преку далечинска контрола да го паркира или отпаркира возилото. Автомобилот управува самостојно и запира ако наиде на пречка. Моторот се гасне по паркирањето преку далечинската контрола и се стартува на истиот начин откако сопственикот ќе се врати до паркираното возило.

Роботизиран автомобил вози побрзо од искусен тркач

Audi веќе подолго време тестира автономни возила, изложувајќи ја техниката на сé потешки и посложени услови на сообраќај. Во октомври 2014, прототип на база на моделот RS 7 со прекарот „Боби“ самостојно извозе круг на патеката Хокенхајмринг со брзини до 240 километри на час. Баварците моментно тестираат со наследникот „Роби“, кој вози со четирилитарски битурбо мотор со 560 КС. Роби ја одушеви американската публика во јули годинава, откако на тркачката патека Сонома во Калифорнија постигна подобро време на круг отколку со возач зад воланот. Поради тоа, „Popular Science“ реши да го вклучи овој автомобил меѓу најголемите технички достигнувања за годинава.

Volvo XC90 е оценет како најбезбеден теренски автомобил со стандардните системи за асистенција на возачот
Volvo XC90 е оценет како најбезбеден теренски автомобил со стандардните системи за асистенција на возачот

Друг автомобил во иновациската серија е Volvo XC90, кој според магазинот е „најбезбеден автомобил на патиштата“. Со сериски вградениот систем за самостојно запирање во случај на опасност од судир, кој препознава други автомобили, велосипедисти и пешаци, Volvo XC90 е првиот автомобил што има освоено максимални 100 бодови на тестот на Euro-NCAP во категоријата на системи за асистенција. Американскиот магазин со пофалби за големиот теренец: „Автомобилот им помага на луѓето со радар, камери и системи за следење на лентата, како да е копилот.“

Почесно место доби и домашниот Cadillac CT6, поради иновативниот внатрешен ретровизор, кој испорачува слика во висока дефиниција, со помош на вградената телевизиска камера. Електричниот Model X на Tesla Motors е најбрз спортски теренец, со фабрички декларираните 3,2 секунди до сто и крајната брзина од 250 километри на час. Меѓу најдобрите се најде и еден мотоцикл. Kawasaki Ninja H2 е единствен мотоцикл со натполнење со механички компресор, со крајна брзина од 300 километри на час.

Тактичко возило за сите терени меѓу најголемите иновации според Американците

Фирмата Oshkosh во дел од Европа е присутна како производител на бебешка и детска облека со врвен квалитет. Во САД, под оваа марка се продаваат товарни и воени возила. Нивниот Light Combat Tactical All-Terrain Vehicle се најде на списокот на најголеми иновации, како теренски автомобил со заштита од огнено оружје, кој што во иднина ќе го замени „Хамви“ (Hummer) во возниот парк на американската армија.

„Пронајдено е сé што може да се пронајде“. Тоа е цитатот на Чарлс. Х. Дуел, директор на американската служба за патенти во 1899 година. Дека овој цитат воопшто не е „на место“, јасно беше и тогаш, и денес, и засекогаш.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

C-Class Coupe: Може ли Mercedes да се купи само поради дизајнот?

Volvo со најдобра месечна продажба во историјата