за ,

Над 500 електрични автомобили на Nissan „таксираат“ низ Европа

Јапонскиот специјалист за електричен погон Nissan има најмногу такси возила со погон на струја по европските улици. Само во текот на годинава се испорачани над 100 електрични такси возила.

Nissan ја предводи електричната револуција со над 550 електрични такси автомобили низ улиците на Европа. Фактот што такси компаниите почесто се решаваат за електричниот погон во услови на интензивно користење на возилата е силен поттик за погонот на струја. Со над 100 електрични возила испорачани на такси компаниите од почетокот на 2015 година, Nissan е најуспешен производител на овие возила. Интересот продолжува да расте, а полека се приклучува и Источна Европа.

Такси компанија од Британија годишно заштедува над 50.000 фунти со погонот на струја, вклучувајќи го и поевтиното одржување, поради помалиот број на подвижни делови во погонот
Такси компанија од Британија годишно заштедува над 50.000 фунти со погонот на струја, вклучувајќи го и поевтиното одржување, поради помалиот број на подвижни делови во погонот

Компанијата Green Lite Taxi од Будимпешта нарача 65 примероци од електричниот Nissan Leaf, а постави и седум брзи полначи за струја низ унгарскиот град. Со досегот од 200 километри, батериите можат да се полнат само еднаш по смена, што секако е важно, затоа што во овој бизнис не смее да се дозволи автомобилот да мирува. Според искуствата на Унгарците, заштедата во гориво и сервисирање е неспоредлива со конвенционалниот погон, а и клиентите се задоволни и комфорното и тивко возење. Дури и самите таксисти признаваат дека помалку се заморуваат во вообичаената смена од по 10 часа.

218.000 километри без потреба од замена на батериите

Друга такси компанија во Естонија, пријавила дека Nissan Leaf во нивниот возен парк има изминато 218.000 километри, без замена на батериите. Во земјата се регистрирани 80 електрични такси возила, додека на компанија во Литванија наскоро ќе ѝ се испорачаат првите осум примероци од Leaf. Најголем број електрични такси возила се регистрирани во Холандија и Велика Британија.

Пет европски земји со најголем број електрични такси возила:

  Земја Nissan LEAF Nissan e-NV200 Вкупно
1. Холандија 27 167 194
2. В. Британија 124 10 134
3. Естонија 74 0 74
4. Унгарија 68 0 68
5. Германија 24 6 30

 

Taxi Electric во Амстердам е прва приватна такси компанија што во ноември 2011 премина на комлетно електричен возен парк. Чекорот набрзо го следеа и компаниите во Стокхолм, Прага, Барселона и Рим.

Продажбата на електрични возила на такси компании порасна за една третина

Британската C&C Taxis пресметала дека годишно заштедува 55.397 фунти со погонот на струја. Секако дека од чистиот погон профитира и животната средина, особено кога ќе се земе во предвид фактот дека такси возилата циркулираат цел ден по европските метрополи. Продажбата на електрични возила на такси компании годинава забележа пораст од 30 проценти во споредба со лани.

Nissan Leaf останува најпродаван електричен автомобил во светот со над 195.000 примероци и пораст во продажбата од 33 проценти годинава.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест на зимски гуми на клубот АДАК: Димензија 165/70 R 14 T

Volkswagen користи паметни очила 3D во сериското производство