Купувањето олдтајмер е работа за познавачи. Mercedes нуди сигурност во тој поглед, ангажирајќи ги експертите од својот музеј за проверка и реставрација на возилата. Цените се движат од 9.950 евра за W123 од 1982 година, до милионски суми.
Музејот на Mercedes стартува со продажба на олдтајмерите и јангтајмерите од марката. На интернет страницата http://alltime-stars.com може да се погледне комплетната понуда од овие возила што Mercedes ги води под името „All Time Stars“. Возилата за продажба може да се разгледаат и купат директно во музејот во Штутгарт.

Како што нагласуваат експертите задолжени за овие возила, купувањето историски автомобил е работа на доверба. All Time Stars има за цел да ги понуди високите стандарди за квалитет на Mercedes и при купувањето јангтајмер или олдтајмер. Автомобилите се оспособени за секојдневно возење и темелно се контролирани од експертите на музејот на Mercedes во точно 160 позиции на возилото. Притоа се откриваат евентуалните дефекти или недостатоци и детално се внесуваат во документацијата. На тој начин, експертите и идните сопственици точно знаат што е сменето на возилото по неговата испорака на купувачот.
Најстар модел во понудата е Mercedes-Benz Typ 630 Kompressor од 1929 година со цена од 850.000 евра, додека најмлад е E 320 Cabriolet од 1995 година. Од музејот најавуваат дека наскоро во понудата ќе се најде моделот 200D од генерацијата W123 од 1982 година, со 294.500 километри, од прва рака и цена од 9.950 евра. Возилата се класифицирани во три едиции, зависно од состојбата и оригиналноста:

Premium Edition се јангтајмери и олдтајмери во ретка оригинална состојба, со ниска километража, како и возила што се темелно реставрирани од експертите на Mercedes-Benz Classic во Фелбах/Штутгарт.
Collectors Edition се наоѓаат во технички и оптички добра состојба, со траги од времето што му даваат посебен карактер на возилото.
Drivers Edition се наменети за сите идни сопственици што имаат намера својот класичар да го возат во секојдневието и самостојно да го одржуваат. Овие возила се во добра техничка состојба, но остануваат подрачја од возилото во коишто е потребно да се изврши реставрација.
















