за

Милион фунти за возење во стилот на Џејмс Бонд

Целиот свет го виде овој автомобил во последното продолжение на филмскиот серијал за најпознатиот таен агент во светот. За милион фунти, идниот сопственик на Aston Martin DB10 смее да се умисли дека е Џејмс Бонд.

Неговото име е Martin, Aston Martin. Второто име му е DB10. Тој ги „извозе“ филмските платна во киносалите во целиот свет, во последното продолжение на серијалот за Џејмс Бонд, „Спектар“. Светот сега добива единствена можност да наддава за автомобилот на тајниот агент. Овој Aston Martin DB10 е конструиран и изработен посебно за потребите на филмот, и не требаше да се појави на продажба. Една хуманитарна организација ќе ги добие средствата од продажбата на уникатниот DB10, на наддавањето што ќе се случи на 18-ти февруари во Лондон.

Само два примерока се изработени од DB10 за прикажување пред јавноста, едниот оди на наддавање, другиот останува кај „Бонд“
Само два примерока се изработени од DB10 за прикажување пред јавноста, едниот оди на наддавање, другиот останува кај „Бонд“

Точно на датумот кога стартува продажбата на „Спектар“ за домашните колекции на филмофилите, во Лондон ќе се одржи и аукцијата за Aston Martin DB10, со когошто Даниел Крег, односно Џејмс Бонд, снимаше спектакуларни бркотници низ улиците на Рим. Но, овој автомобил е важен и по тоа што се смета како најава за новиот спортски модел на Британците, Aston Martin DB11, чијашто премиера ќе се случи во март, на салонот во Женева. Суперавтомобилот со мотор V12 со турбонатполнење потоа ќе стартува и со продажба кон крајот на годината.

Под хаубата на DB10 работи 4,7-литарски мотор V8, комбиниран со мануелен шестстепен менувач и со крајна брзина од 305 km/h. Каросеријата е изработена од карбон, а и во внатрешноста не недостигаат ексклузивни и скапи материјали. Примерокот на последниот „бондовски“ автомобил што ќе се најде на наддавањето во Лондон е единствен што ќе добие приватен сопственик. Вториот примерок од микро-серијата ќе остане во сопственост на филмското студио.

Досега сé изгледа добро. Но, постои еден проблем. DB10 е изработен како колекционерски примерок и производителот нема извршено хомологација за него. Тоа значи дека автомобилот не смее да се појави во јавен сообраќај.

aston martin db10 (1)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Откаченото видео на Volkswagen и приколката во рикверц: Во што е финтата?

Mercedes го има автомобилот што е неопходен за секој просечен плејбој