Тие прво беа петролејски, па халогени, ксенонски, диодни, а отсега и ласерски. Историјата на автомобилските светла влегува во ново поглавје, а патиштата се осветлуваат двапати посилно.
Кога во јуни ќе почне продажбата на хибридниот спортист BMW i8, тој ќе понуди единствен спој на уживање во возење и уживање во штедење. Но, спортскиот знаменосец на BMW ќе биде единствен и по техниката со којашто ќе го осветлува патот пред себе. Тој е единствениот сериски автомобил што може да се добие со ласерски светла.
Ласерот ги осветлува патиштата двапати подобро од обичните светла. Во технолошки напредниот BMW i8, ласерот се користи за долго светло и досега 600 метри далеку, односно двапати подалеку од актуелните светла.
Возачот ги препознава ознаките на патиштата, знаците и пречките значително порано и тоа овозможува порелаксирано возење. Покрај тоа, новата технологија постигнува спектар на бои што е сличен на дневното светло и тоа помалку ги заморува очите. Другите предности се помалата потреба од простор и помалата потрошувачка на струја. Ласерските светла трошат 30 проценти помалку струја од ксенонските и 70 проценти помалку од халогените светла.
Светлото доаѓа од три ласери во алуминиумското куќиште. Снопот ласери се насочува на фосфорен лист, кој го претвора синото ласерско светло во бела светлина. На тој начин ласерот станува и безопасен за окото. За моќниот светлосен зрак да не предизвика оштетување во случај на судур, се користи повеќестепен безбедносен систем, како на пример сензори за потреси, што го исклучуваат светлото при незгода.
Во иднина оваа техника ќе се користи и во другите моделски серии на марката од Минхен. Ласерските светла во BMW i8 ќе бидат достапни како опција од листата на дополнителна опрема во втората половина од годината. Баварците уште не откриваат колку ќе чинат овие светла. Другите производители исто така тестираат со ласери. Land Rover Vision Concept од салонот во Њујорк ја користеше оваа техника, додека Audi R18 E-Tron ќе вози на Леман со ласерски светла.
















