за

Кој е навистина светскиот мотор за 2015 година?

Деновиве сите производители објавуваат дека го имаат светскиот мотор на годината. Но, станува збор за победници во одделните категории на изборот. Вистинскиот мотор на годината е само еден, а годинава тоа е изненадување.

Жирито од 65 угледни автомобилски новинари од 31 држава во светот, во 17-та година на изборот повторно ги одликуваше најдобрите мотори во одделните категории и го прогласи најдобриот меѓу најдобрите, светскиот мотор на годината. Оваа титула со големо светско реноме прерасна во важен маркетиншки инструмент на производителите на автомобили, кои со гласни фанфари ја прогласуваат победата. Од соопштенијата што деновиве ги дистрибуираат производителите може да се стекне впечатокот дека сите се победници во изборот, но во основа се работи само за победници во одделните категории на изборот, додека вистинскиот „светски мотор на годината“ е само еден.

Доминираат мотори со турбонатполнење и смалена работна зафатнина

Во оваа година најмногу се ценеа моторите што постигнуваат спој меѓу врвни перформанси и напредни технологии за намалување на емисијата на штетни гасови, односно на потрошувачката на гориво. Мотори со натполнење ја понесоа победата во повеќе категории на изборот, иако и еден атмосферски мотор успеа да се избори за две победи. Експертите во изборот им дадоа приоритет на моторите со намалена тежина. Веќе петта година по ред се потврдува популарноста на моторите со смалена работна зафатнина и компензација со турбонатполнење, т.н. „даунсајзинг“.

Неславно деби на 1,0-литарскиот мотор што ќе биде основен мотор во новата Opel Astra. Голем заостаток зад Ford 1.0 Ecoboost (176 наспроти 444 бодови) и најслаб пласман меѓу новите мотори
Неславно деби на 1,0-литарскиот мотор што ќе биде основен мотор во новата Opel Astra. Голем заостаток зад Ford 1.0 Ecoboost (176 наспроти 444 бодови) и најслаб пласман меѓу новите мотори

Повеќе од кога било досега во изборот се најдоа и електричните погонски системи, односно возила со погон со електромотор и со хибриден погон со можност за надворешно полнење на батериите. Клучните иновации во ова подрачје годинава доаѓаа од BMW, Tesla, Kia, VW, Audi, Mercedes-Benz и кинескиот BYD. Можно ли е победата на изборот за светски мотор на годината за првпат да ја понесе автомобил со погон на струја? Една од клучните категории е наградата за најдобар нов мотор, кадешто три кандидати водеа тесна борба: прогресивниот хибриден погон во BMW i8, четирилитарскиот V8 со битурбонатполнење во Mercedes-AMG GT и првиот турбо мотор на Ferrari во California T.

Но, само еден е најдобар меѓу најдобрите и носител на титулата на светски мотор за 2015 година. Победникот годинава се решаваше во крајно неизвесна борба, со само седум бодови разлика меѓу најдобро пласираните два мотора. Кој е тогаш светскиот мотор за 2015 година?

 

Победник во изборот за првпат е хибриден систем. BMW i8 го има најдобриот погонски систем според експертите на жирито на „Светски мотор на годината“
Победник во изборот за првпат е хибриден систем. BMW i8 го има најдобриот погонски систем според експертите на жирито на „Светски мотор на годината“

Генерален пласман во изборот на светски мотор за 2015 година

  1. BMW хибриден систем од 1,5-литарски бензинец и електромотор со системска моќност од 326 КС, вградуван во BMW i8 (274 бодови)
  2. Ford 999cc трицилиндарски турбо (267 бодови)
  3. PSA Peugeot Citroen 1,2-литарски трицилиндарски турбо (222)
  4. Ferrari 4.5-литарски V8 (221)
  5. Mercedes-AMG 2-литарски турбо (177)
  6. Tesla електричен погон (157)
  7. BMW M 3-литарски твин-турбо шестцилиндарски (133)
  8. McLaren 3.8-литарски твин-турбо V8 (93)
  9. Audi 2.5-литарски турбо со пет цилиндри (81)
По рекордни три последувателни титули, Ford 1.0 Ecoboost повќе не е светски мотор на годината, но и натаму е убедливо најдобар во својата класа
По рекордни три последувателни титули, Ford 1.0 Ecoboost повќе не е светски мотор на годината, но и натаму е убедливо најдобар во својата класа

Најдобар мотор до 1,0 литар

Ford 999cc трицилиндарски турбо (444 бодови)

Останати: Opel 1.0 Ecotec (176), BMW двоцилиндарец во i3 (163), Volkswagen 1.0 (138), Fiat 0,9 (132), Renault 0,9 (119)

Најдобар мотор меѓу 1,0 и 1,4 литар

PSA Peugeot Citroen 1,2-литарски трицилиндарски турбо (243 бодови)

Останати: Volkswagen 1.4 TSI Twincharger (174), Volkswagen 1.4 TSI во хибриден погон (165), Volkswagen 1.4 TSI (149), Volkswagen 1.4 TSI ACT (132), Volkswagen 1.2 TSI (123)

Најдобар мотор меѓу 1,4 и 1,8 литар

BMW хибриден систем од 1,5-литарски бензинец и електромотор со системска моќност од 326 КС, вградуван во BMW i8 (262 бодови)

Останати: Audi 1.8 TFSI (177), BMW/PSA Peugeot Citroen 1,6-литарски турбо бензинец (158), BMW 1,5-литарски турбо бензинец (151), Ford 1,5-литарски турбо (80), Fiat Chrysler 1,75 DI турбо (78)

Најдобар мотор меѓу 1,8 и 2,0 литри

Mercedes 2,0 турбо (298 бодови)

Останати: Audi 2.0 TFSI (226), BMW 2,0 твин-турбо дизел (150), Volvo 2,0 турбо и механички компресор (134), Volkswagen 2.0 TDI (118), BMW 2,0 твин-турбо (111)

Најдобар мотор меѓу 2,0 и 2,5 литри

Audi 2.5 турбо (347)

Останати: Mazda 2.2 Skyactiv-D (184), Ford 2,3 турбо (152), Mercedes 2,1 CDI (151), Mercedes 2,1 CDI во хибриден систем (125), Subaru 2,5 турбо (117)

Најдобар мотор меѓу 2,5 и 3,0 литри

BMW M 3,0-литарски турбо вградуван во BMW M3 и М4 со 431 КС (246 бодови)

Останати: BMW 3,0-литарски турбо (178), Porsche 2,7-литарски боксер (158), BMW 3,0 твин-турбо дизел (148), BMW M 3,0 три-турбо дизел (124), Volkswagen 3,0 V6 TDI (111)

Најдобар мотор меѓу 3,0 и 4,0 литри

McLaren 3.8 V8 вградуван во 675 LT, 650S, 625C и 12 C (258 бодови)

Останати: Mercedes-AMG 4,0 V8 (239), Porsche 3,8 боксер (214), Ferrari 3,9 V8 (187), Audi Bentley 4.0 TFSI (163), Porsche 3,8 боксер турбо (131)

Најдобар мотор над 4,0 литри

Ferrari 4,5 V8 вградуван во 458 Italia и 458 Speciale (295 бодови)

Останати: Ferrari 6,3 V12 (222), Mercedes-AMG 5,5 V8 (140), BMW M 4,4 V8 (110), Jaguar Land Rover 5.0 V8 со механички компресор (98), Fiat Chrysler 6,2 V8 (95)

Најдобар еколошки мотор

Tesla електричен погон (239 бодови)

 

Најдобар нов мотор

BMW хибриден систем од 1,5-литарски бензинец и електромотор со системска моќност од 326 КС, вградуван во BMW i8 (339 бодови)

Останати: Mercedes-AMG 4,0 V8 (209), Ferrari 3,9 V8 (159), Volvo 2.0 турбо и механички компресор (135), Volkswagen 1.4 TSI во хибриден погон (134), Opel 1,0 Ecotec (132)

Најдобар спортски мотор

Ferrari 4,5 V8 вградуван во 458 Italia и 458 Speciale (236 бодови)

Останати: Mercedes-AMG 4,0 V8 (148), Porsche 3,8 боксер (129), Ferrari 6,3 V12 (125), McLaren 3,8 V8 (112), Fiat-Chrysler 6,2 V8 (75)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Сопствениците на Tesla Model S минаа милијарда милји на струја

Долга пауза до следниот лет? Време да се проба Porsche!