за

Колку се рециклирани нашите автомобили?

Во секоја нова генерација автомобили расте уделот на материјали со втор живот. Opel Adam: Сите делови што се прикажани во жолта боја се рециклати

Облоги на седиштата од пластични шишиња, поткрила од стари браници. Делови од рециклирани материјали имаат обемна примена во автоиндустријата. Кај Opel Adam дури 170 делови имале претходен живот.

Денешниот индустриски процес не може да се замисли без рециклирањето. Автомобилската бранша е меѓу предводниците во тој поглед, со постојано зголемување на бројот на рециклати, како што се нарекуваат овие материјали добиени со преработка на суровини што инаку би завршиле како отпад. Дури и Mercedes, марката што е синоним за целата бранша, се повикува на делови што претходно имале друга функција и намена. Речиси сите надворешни компоненти на каросеријата што се изработени од црна пластика се преработени од стари делови од возила на Mercedes. Поткрилата, на пример, некогаш биле браници. Mercedes ги собира старите и оштетени браници од сервисните работилници и ги рециклира. Зависно од делот и од составот, некогаш се додадаваат и пластични капачиња од шишиња или куќишта од стари акумулатори.

Од генерација до генерација се удвојува учеството на рециклати

Кај електричниот автомобил BMW i3, околу една четвртина од деловите од термопластика се изработени од рециклати. Одделни парчиња од облогите на седиштата исто така се произведени од стари пластични шишиња. Кај малечкиот Opel Adam, пак, дури 170 пластични делови имаат претходна историја. Вкупната тежина на деловите од рециклирана пластика во актуелната лимузина од класата S на Mercedes изнесува близу 50 килограми. Тоа е дури 134 проценти повеќе отколку кај претходникот.

Mercedes ја почитува обврската на премиум марка и во поглед на заштитата на животната средина. Речиси сите делови од црна пластика се рециклати
Mercedes ја почитува обврската на премиум марка и во поглед на заштитата на животната средина. Речиси сите делови од црна пластика се рециклати

Голем дел од производителите имаат корист од примената на рециклирани материјали во изработката на автомобили. Производителите на овој начин ја намалуваат емисијата на СО2 за околу 30 проценти – што е од особена важност, затоа што секоја единка во индустрискиот процес смее да испушта одредена количина СО2, односно мора да купува скапи „еко-кредити“ за секоја дополнителна емисија на штетниот гас над дозволеното. Заштедата доаѓа оттаму што рециклираниот пластичен гранулат се обработува при пониска темература и понизок притисок, со што се намалува и потрошената енергија, односно емисијата на штетни материи. Законодавството ја диригира еколошката обврска и за актуелните автомобили што по неколку децении и самите ќе се најдат во кругот на рециклирање. Според одредбите на ЕУ, од оваа година, 95 проценти од тежината на секој автомобил мора да отпаѓаат на материјали што можат да се рециклираат. Досега беа пропишани 85 проценти. За овој систем да функционира, мора да се мисли на рециклирањето уште при конструирањето на новите возила.

Производителите сепак не мораат секогаш да се повикуваат на делови од стари автомобили што можат да се рециклираат, туку можат да користат рециклати добиени од производи од секојдневието, како пластични шишиња и други амбалажи. Автомобилите од престижните марки во просек имаат рок на експлоатација од околу 18 години. Ако се земе во предвид и периодот на развој на новите модели, произлегува дека од изборот на материјали за вградување во тој модел, до враќањето на деловите во синџирот за рециклирање ќе изминат 20 до 25 години. За овој долг период, технологијата на рециклирање ќе напредува значително. Тоа значи дека мора да се мисли на исклучително долги рокови поврзани со процесот на рециклирање.

Металот е поедноставен за рециклирање и веќе е стандард во синџирот на одржливоста

Класичното рециклирање е многу поедноставно кај металните делови. Челичната ламарина за автомобилските каросерии се искористува стопроцентно во процесот на рециклирање и тука отпаѓа најголемиот дел од „рециклираната“ тежина на автомобилите. Многу покомплицирано е кај пластичните делови. За разлика од челичните и железни компоненти, при користењето на пластични делови од рециклати мора да се изврши посебно тестирање и сертифицирање за секој материјал и за секоја компонента од возилото одделно.

Opel Adam: Собирната решетка за вода под ветробранот е стандард во циклусот на повторно искористување на материјалите
Opel Adam: Собирната решетка за вода под ветробранот е стандард во циклусот на повторно искористување на материјалите

Како што напредува технологијата на рециклирање, деловите со втор живот во одредени случаи можат да имаат и подобри својства отколку деловите изработени од материјали што не произлегуваат од синџирот на рециклирање. Деловите од рециклати обично имаат поголема постојаност на формата и димензиите, така што најчесто наидуваат на примена за куќиштата на светлата, за држачите на браниците или за собирната решетка за вода меѓу моторот и челниот ѕид на кабината. Тоа се само неколку примери. Екстремен пример што сведочи најдобро за издржливоста на рециклатите е вшмукувачката гранка, којашто издржува температурен дијапазон меѓу минус 40 и плус 200 степени Целсиусови.

Рециклираните материјали сепак не можат да се користат безгранично во производството на автомобили. Структурните компоненти во заштитните зони на каросеријата, исто како и компонентите од воздушната перница, обично не се произведуваат од рециклати. Кај овие материјали се јавуваат поголеми отстапувања во поглед на отпорноста на вибрации и отпорноста на кинење, поради што не одговараат за компоненти што се релевантни за безбедноста.

Квалитетот останува на прво место – не смее да има компромиси

Грижата за животната средина и одржливоста сепак не смеат да одат на сметка на квалитетот. Секој рециклат мора да ги исполнува истите критериуми за квалитет како нов материјал. Според тоа, не постои разлика дали делот е изработен од рециклат или од „свеж“ материјал и тој може да се користи во речиси сите подрачја во возилото. Секако дека техничарите интервенираат и во самата конструкција на деловите и соодветно ги модифицираат за делот да ги исполнува строгите критериуми на производителот.

За одреден материјал да може да се користи во целиот животен циклус на еден модел, мора од истиот тој материјал да се обезбедат доволни количини. Кога производителите ќе тестираат и ќе развијат нов рециклат што ги исполнува сопствените критериуми за квалитет, тие настојуваат да го користат рециклатот во колку е можно повеќе моделски серии. При просечен производствен период на еден модел од околу седум години се собира голема количина материјал што треба да се обезбеди, а некогаш се случува одреден материјал да не биде достапен во поребната количина. Целиот овој ангажман на производителите на автомобили на крајот сепак ѝ годи на животната средина.

Овој гранулат што претходно имал друга функција и намена се преработува во делови за автомобилите, кои потоа повторно ќе се вратат во циклусот на рециклиранње. Автомобилската бранша е меѓу предводниците во поглед на одржливоста.
Овој гранулат што претходно имал друга функција и намена се преработува во делови за автомобилите, кои потоа повторно ќе се вратат во циклусот на рециклиранње. Автомобилската бранша е меѓу предводниците во поглед на одржливоста.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот шеф на Honda ветува повозбудливи модели

Големата лимузина на Citroen доаѓа во 2018: Прво во Кина, а Европа ако сака