за

Колку се рециклирани денешните автомобили?

Европската Унија пропишува 85 проценти од компонентите во возилата да може да се рециклираат. Од следната година ќе биде уште построго: 95 проценти.

Според постоечките одредби за стари возила на Европската Унија, 85 проценти од компонентите во автомобилите мора да се изработени од материјали што можат да се рециклираат. Од 2015 година овие правила ќе станат уште построги, дури 95 проценти од тежината на возилото мора да потекнуваат од материјали што непречено влегуваат во процесот на повторно искористување на суровините.

Opel е една од марките што имаат напредувано најмногу во поглед на развојот и примена на компоненти од рециклирани материјали, што добавувачите ги произведуваат според точно пропишаните норми на автомобилската марка. Секаде каде што постои можност за тоа се користи рециклирана пластика. На тој начин се заштедуваат суровини и енергија, односно помалку се загадува животната средина.

Марката од Риселсхајм користи рециклирани материјали уште од 1990 година. Додека кај Opel Calibra се користеа само четири одобрени типови на рециклирани материјали, денес нивниот број изнесува преку 200, вклучувајќи ги сите модели од производствената програма на Opel. Во новите возила на Opel годишно се користат околу 45.000 тони рециклирани материјали.

opel adam

Кај моделот Opel Adam дури 170 компоненти од возилото потекнуваат од процесот на повторно искористување на материјалите. Со користењето на овие материјали се намалува емисијата на СО2 за 30 проценти, поради тоа што гранулатот за нивната изработка се произведува на пониски температури и под помал притисок.

Од рециклирани материјали се изработуваат на пример куќиштето на предните светла, носачите на браниците и пластичната решетка меѓу просторот за мотор и челниот ѕид на кабината. За добивање на гранулатот најчесто се користат затворачи од шишиња за пијалоци. Рециклираните материјали може во одреден случај да имаат и подобри својства од новите материјали, поради тоа што тие имаат помали промени на формата и димензиите.

Дури и вшмукувачката гранка на Opel Adam се изработува од рециклирана пластика и во состојба е да издржи температурно подрачје во дијапазон од -40 до +200 степени Целзиусови, кои се создаваат при рециркулацијата на издувните гасови. Други предности на материјалите од обнобливи извори се помалата кршливост при вибрирање, поголемата отпорност на ултравиолетови зраци и прецизноста на изработката на компонентите.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најпродаваните марки во Европа во 2013

ADAC го призна местењето на изборот на Golf