
Во Кина годинава ќе се продадат повеќе возила со погон на струја и плагин-хибриди отколку во САД. Во последните месеци овие продажби бележат драстичен раст, само во октомври се продадоа 34.000 возила на струја.
Кина е на пат да стане најголем пазар за возила со електричен погон во светот. Асоцијацијата на домашни производители на возила очекува продажбата на електромобили и плагин-хибриди во земјата до крајот на годинава да достигне меѓу 220.000 и 250.000 возила, додека САД ќе заостануваат со 180.000 возила.
На глобално ниво, продажбата на електрични автомобили во 2015 година ќе изнесува околу 600.000 возила. Тоа е само мал дел во споредба со вкупниот број на продадени автомобили. За поттикнувањето на продажбата на електрични возила во Кина во последните години најмногу придонесоа даночните олеснувања и државните субвенции.
Најпродаван е плагин-хибридот BYD Qin со системска моќност од 295 КС
Само во октомври годинава во Кина се продадоа 34.316 возила со електричен погон, што претставува нов рекорд. Најпродаван автомобил од оваа категорија е плагин-хибридот BYD Qin, со вкупно 43.254 примероци од пазарниот старт во декември 2013. Погонската спрега на Qin се состои од 1,5-литарски бензинец со турбонатполнење и директно впрскување на горивото, електромотор со моќност од 150 КС и шестстепен менувач со двојна спојка.
Според кинескиот производител, BYD Qin располага со системска моќност од 295 КС и системски вртежен момент од 479 њутнметри. Со оваа моќ, лимузината долга 4,74 метри и тешка 1,72 тон забрзува до сто за 5,9 секунди и според нормите за хибридни возила троши 1,6 литар бензин на сто километри. Досегот при погон на струја изнесува 70 километри. Цената на кинескиот пазар, без субвенциите, изнесува меѓу 24 и 26 илјади евра, зависно од моделската изведба.















