Land Rover почна со одбележување на последната година на Defender. За почеток на прославата возилата направија џиновски цртеж во песок. Следуваат и три ексклузивни модели.
Land Rover се врати на местото кадешто започна целата приказна, за да ја одбележи последната година на култниот Defender. Огромниот цртеж во песок со должина од еден километар во заливот Ред Ворф, во Велика Британија, го означува лансирањето на серијата од три ексклузивни модели и почетокот на новото поглавје во историјата на моделот. Продукцијата на актуелниот Defender влегува во завршна фаза и Land Rover во текот на целата година ќе ја прославува оваа глобална автомобилска икона.
Никогаш претходно во Велика Британија не е направен поголем песочен цртеж од овој на Land Rover. Шест возила од различни генерации на Defender беа користени да го направат овој цртеж во должина од еден километар, односно со должина на вкупно исцртаната линија од 4,52 километри. Со овој спектакл, Land Rover нé потсеќа на моментот во 1947 година, кога главниот инженер Морис Вилкс го нацрта првиот Land Rover во песокот во заливот Ред Ворф. Семејството Вилкс поседувало имот на овој остров во Велс и Морис посакувал возило што во исто време ќе служи како трактор и како теренец. Тој го нарекол возилото „Land Rover“ (талкач по земјиштето).
Во „цртањето“ учествуваа примероци од првите три генерации на Land Rover, модел Ninety од 1990-те, Defender 90 Hard Top и Defender 110 Station Wagon. Возилото од втората генерација порано му припаѓало на семејството Волкс, а сега зад воланот се најдоа Стефен и Ник, внуци на Морис и Спенсер Вилкс. Спектакуларниот цртеж беше избришан од брановите само неколку минути по завршувањето.
Серија од три ексклузивни модели ќе ја одбележи историјата на Defender, секоја серија посветена на одделно поглавје: Heritage, Adventure и Autobiography. Сите модели ќе имаат 2,2-литарски дизел и веќе може да се нарачаат. Land Rover моментно бара можност за продукцијата на Defender да продолжи во мала серија по завршувањето на продукцијата во Велика Британија.
Ексклузивната серија Autobiography ветува ниво на перформанси, луксуз и комфор како никогаш досега, со богата опрема, каросерија во две бои, седишта со виндзор кожа и мотор со 150, место со 122 КС. Серијата е достапна само во верзијата 90 Station Wagon и чини 64.000 евра. Heritage Edition е инспирирана од раните моделина Land Rover и комбинира носталгични детали со модерни решенија. Оваа серија е препознатлива по зелената боја на каросеријата и белиот покрив. Маската е во стил на првиот модел, со напишано „HUE 166“ во знак на регистерската табличка на првиот Land Rover со прекар „Хјуи“. Цената на Heritage Edition е 39.900 евра. Во август ќе стартува и третата серија, Adventure Edition, дополнително опремена со заштита на подвозјето и специјални гуми Goodyear MT/R. Моделот се разликува по амблемите и по кожата во ентериерот. Цената на третиот модел од серијата изнесува 45.900 евра.
















