Камионите на Mercedes во иднина ќе го предупредуваат возачот доколку има пешак или велосипедист во подрачјето што е надвор од видното поле, па дури и самостојно ќе запираат. Техниката што го овозможува тоа пристига од лимузините со сребрената ѕвезда.
Камионската марка на Mercedes уште во текот на оваа година ќе воведе систем за асистенција при свртување како дел од сериската опрема. Цел на системот е да ги спречи типичните незгоди со пешак или велосипедист што се случуваат во град, при свртување со камионот в десно. Заедно со него работи и систем за самостојно запирање при опасност од судир, којшто препознава пешак на патот и во основата работи исто како кај лимузините на Mercedes. Двата система ќе имаат светска премиера во септември, на салонот за товарни возила во Хановер.
Свртувањето в десно по градски улици се вбројува меѓу најнепријатните задачи за возачите на камиони. Тие мораат да внимаваат на семафорите, на знаците, на возилата што наидуваат отспротива и странично, а за сето тоа време мораат да ги имаат во предвид пешаците и велосипедистите. Честопати, пешаците не се свесни дека возачот на камионот не ги гледа, односно тие се наоѓаат во таканаречениот мртов агол.
Автомобилската техника ја освојува и „тешката категорија“ на патот
Новиот систем за асистенција при свртување, преку радарски сензори ја надгледува целата десна страна и има неколку степени за предупредување на возачот. Кога велосипедист или пешак се наоѓа во зоната за предупредување, во предниот столб на кабината од совозачката страна светнуваат диоди во форма на триаголник и во жолта боја. Доколку системот утврди дека постои опасност од незгода, диодите светнуваат посилно и во црвена боја, а дополнително се слуша и гласно предупредување.
Осигурителните компании сметаат дека со овој систем ќе се преполови бројот на незгоди меѓу камион и пешак, односно велосипедист. Другите производители на камиони исто така развиваат слични системи. Возачите на камиони ќе добијат и поголема контрола при опасност од удар во објектите покрај патот. Системот го пресметува и патот на вртење на приколката, односно полуприколката. Доколку возачот „отвори“ недоволно пред свијокот и постои опасност задниот дел од камионот да удри во семафор, во паркиран или запрен автомобил, системот исто така го предупредува возачот.
Техниката се состои од два радарски сензора за блиско подрачје, вградени во кутија под совозачката страна на камионот. Преку овие сензори, системот ја нагледува целата должина на камионот, заедно со приколката или полуприколката, а дополнително и два метра пред и еден метар зад камионот. Страничниот досег изнесува 3,75 метри, што одговара на ширина на лента на автопат.
„Соработката“ меѓу возачите со блиндирање при престигнување станува минато
Системот за асистенција при свртување помага и при возење по автопат, кога возачот на камионот сака да се престрои, а од десната страна наидува друг камион, а исто така ќе сигнализира кога камионот при престигнување може да се врати во лентата. Возачите на камион што се престигнува обично блендираат со светлата за да му сигнализираат на другиот возач дека може да се престрои. Тоа ќе биде непотребно во иднина.
Вториот систем самостојно го запира камионот кога постои опасност од удар во пешак на патот. Оваа технологија се презема од автомобилите на Mercedes, конкретно станува збор за радарскиот систем од E-Class. За разлика од системите што користат камера, радарот не е чувствителен на темнина или на атмосферски влијанија, како дожд или магла и функционира непречено во сите услови.
За разлика од претходните генерации, четвртиот еволуциски степен на „Active Brake Assist“ не само што предупредува и запира самостојно кога има возило што забавува или е запрено во колона на патот, туку сега запира и за пешаците. Кога радарот ќе детектира пешак, системот го предупредува возачот и делумно го забавува камионот, оставајќи му на возачот можност за навреме да реагира.
Доплатата за Active Brake Assist 4 ќе изнесува околу 5.000 евра, односно малку поевтино доколку се нарачува во пакет со другите системи за асистенција. Комплетен пакет, вклучувајќи го и системот за асистенција при свртување и радарски темпомат, кој автоматски го одржува растојанието од возилата напред, ќе чини околу 15.000 евра.
[FAG id=24866]



















