за

Како да се справите со влажноста во кабината?

Есенските денови се студени и воздухот е заситен со влага. Затоа и прозорците се замаглуваат веднаш по седнувањето во возилото. Неколку совети за справување со влагата во кабината.

Наесен возачите се соочуваат со ниски температури и зголемена влажност на воздухот. Особено наутро доаѓа до замаглување на прозорците, затоа што студениот воздух не може да прими толку влага колку топлиот воздух и при допир со студените површини на прозорците се ослободува од вишокот влага, замаглувајќи ги истите. Првиот чекор за ослободување од влажноста во кабината е воедно и најлогичниот – подотворање на прозорците за во кабината да влезе надворешниот воздух што содржи помалку влага. Во одредени случаи кога и влажноста на надворешниот воздух е превисока, поправилно е вентилаторот да се пушти на највисокиот степен.

Погрешно е вклучувањето на рециркулација на воздухот во кабината, затоа што на тој начин се спречува ослободувањето од влагата. Откако ќе почне да дува топол воздух од вентилацијата, веќе сé е поедноставно. Секако дека и клима уредот треба да биде вклучен, затоа што тој ја отстранува преголемата влажност во воздухот во кабината. Задното стакло во секој случај поседува посебен грејач и тука нема проблеми.

Добро исчистените стакла се замаглуваат помалку

За стаклата помалку да се замаглуваат потребно е истите да се чистат редовно – чистите стакла привлекуваат помалку влага. Причина за зголемената влажност во кабината може да бидат и оштетените и крути заптивки на вратите и на прозорците, што е вообичаено кај постарите автомобили. Нечистите и зачепени канали за истекување на водата исто така го оневозможуваат истекувањето на водата и предизвикуваат нејзино насобирање во дел од каросеријата. Дополнителен проблем е тоа што овие влажни подрачја можат да предизвикаат дефекти во техниката и во електрониката, за коишто е потребен подолг престој на возилото во сервисна работилница.

Влагата во кабината се внесува и преку облеката, влажни чадори или мокри кондури. Доколку се навлажнат патосниците се препорачува истите да се отстранат од возилото при првата можност и да се остават да се сушат. Доколку тоа не е можно, влагата може да се собере со весници. Помош може да се најде и во вреќички со сол или со средства за одвлажнување од супермаркет или од специјализирана продавница за автомобилски прибор.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Прв полициски автомобил со погон на струја

Новиот Mondeo пристига во декември: Дизелот за 23.900 евра