Каква врска имаат доматите со автомобилите на Ford?

Ford ќе соработува со кечап-гигантот Heinz во развој на биопластика добиена од растителни влакна од домати. Планот е од оваа пластика да се изработуваат делови за ентериер.

Автомобилите и доматите немаат ништо заедничко. Обично е така. Но, технолозите на Ford и Heinz бараат можност да ги спојат двете индустриски гранки. Растителни влакна од домати ќе се користат за изработка на композитни материјали во производството на автомобили. Конкретно, сушената лушпа од домати може да стане држач за кабли или корпа за отпадоци во идните модели на Ford. Целта на автомобилската компанија е со овој чекор да го намали своето влијание врз животната средина, а од друга страна да го искористи овој отпаден материјал на когошто досега никој не му нашол соодветна примена.

Пред две години, Ford започна соработка со Heinz, Coca-Cola, Nike и Procter & Gamble за развој на пластика што целосно се добива од растителна база, како замена за тековните материјали што се добиваат од нафта. Светскиот гигант во производството на кечап годишно преработува околу два милиони тони домати и соодветно на тоа се соочува со масовна количина на отпад од преработката, во форма на лушпи, дршки и семе.

Ford моментно вградува осум материјали од растителна база во своите модели. Лани компанијата воведе делови за средишна конзола од пластика зајакната со растителни влакна и држачи за кабли од оризова арпа. Меѓу останатите материјали од обновливи извори се композити добиени врз база на кокос, рециклиран памук за патосниците и седиштата, како и полнење на седиштата и на потпирачите за глава со пена од соја.

Претходна објаваЗагубен клуч може да чини и до 670 евра
Следна објаваАутомотив Груп го најавува тенискиот турнир Nissan Open 2014

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here