Audi ќе им ја стопли зимата на љубителите на кабриолети со новата генерација на A5 Cabriolet, додека чекаат испораката да стартува во март. Исто како лимузината A4 и купе лимузината A5 Sportback, новиот кабриолет речиси не се разликува од претходникот – само изгледа попривлечно од кога било досега.
Обновувањето на моделското семејство во средната класа на Audi е комплетно со премиерата на A5 Cabriolet и на спортската верзија S5 Cabriolet. Промените во изгледот се навидум незначителни во споредба со претходникот, но како што одминува времето откако лимузинскиот A4 ја стартуваше генерациската смена, новите модели се распознаваат сé појасно. Некој чуден ефект на подмладување.
Со близу 4,67 метри, кабриолетот е за близу пет сантиметри подолг од претходникот и ја следи основата што му е сервирана од купе изведбата на A5. Платнениот покрив стандардно располага со солиден слој звучна изолација и со кусо ракување со прекинувачот се отвора за 15 секунди, односно се затвора за 18 секунди – при брзина до 50 km/h.
Тежината е намалена до 40 килограми во споредба со претходникот
Подвозјето ги носи најголемите промени, со усовршено водење на предната оска со пет водилки и задна оска исто така со пет водилки, во замена за старата со трапезни водилки. Приспособливи амортизери следуваат со доплата, системот Audi drive select се испорачува сериски. Покрај новото електромеханичко сервоуправување, на располагање стои динамично управување со променлив преносен однос зависно од брзината и аголот на воланот.
За каросеријата Audi тврди дека е најцврста во конкуренцијата, но и најлесна. Заштедата во тежина кај новата генерација достигнува 40 килограми, односно најлесниот A5 Cabrio 2.0 TDI на вага покажува 1.690 килограми. Праговите се дополнително зајакнати во споредба со купето, вклучувајќи уште неколку позиции во каросеријата.
Две варијанти на погонот на сите тркала, стандарден и Ultra-quattro
Три мотори ќе бидат на располагање на стартот: 2.0 TFSI со 252 КС, 2.0 TDI со 190 КС и 3.0 TDI со 218 КС. Потоа ќе се придружат 2.0 TFSI со 190 КС и 3.0 TDI quattro со 286 КС. Како опција се нудат две верзии на погон на сите тркала, штедлива верзија на quattro со технологија Ultra и quattro со постојан погон на сите тркала. Зависно од моделот, преносот е преку шестстепен мануелен менувач, седумстепен менувач со двојна спојка или 8-степен автоматик. Спортски врв е новиот 3.0 TFSI во Audi S5 Cabrio, со 354 КС и 5,1 секунди до сто. Моќноста се пренесува постојано до сите тркала преку осумстепен автоматик.
Со подигнат покрив, во багажникот остануваат 380 литри, додека задната клупа е дводелна и се соборува со рачка од багажникот. Задниот капак кај новиот Cabrio се отвора автоматски, преку клучот или преку копче во возачката врата. Со доплата капакот може да се отвора и сензорски, при замавнување со стопалото под браникот.
Микрофони во безбедносните ремени како стандардна опрема
Микрофоните за говорна команда со функциите на возилото вградени во безбедносните ремени исто така следуваат стандардно во новиот A5 Cabriolet, со поголема чувствителност за да реагира правилно и при возење со спуштен покрив. Големата дигитална табла со инструменти е достапна како опција.
Музика и можности за поврзување со преносни уреди не недостигаат, вклучувајќи озвучување Bang & Olufsen со 19 звучници и 755 вати, LTE модул за користење на мрежните услуги на Audi, безжично полнење мобилен телефон.
Вкупно 30 најразлични системи за асистенција стојат на располагање во A5 Cabrio, предводени од радарскиот темпомат кој автоматски го запира и го забрзува возилото до 65 km/h, па привремено го презема и управувањето, доколку патот го дозволува тоа.
Сериската опрема е значително збогатена, со ксенонски светла, седишта во комбинација од кожа и платно, радио Audi MMI со дисплеј од 7 инчи и микрофони во ремените. Првите пазари во Европа ќе го добијат новиот кабриолет во март, цените во Германија за A5 Cabrio стартуваат од 49.350 евра, за S5 Cabrio од 67.800 евра.
[FAG id=26153]



















