за

Идната генерација на BMW M3 ќе вози со хибриден погон

Хибридниот погон им се најде од корист на премиум марките. Релативно евтино се постигнува поголема моќност во новите модели, а се намалува и емисијата на СО2. Една икона меѓу спортските автомобили наскоро ќе стане хибрид.

BMW ќе користи хибриден погон за идната генерација на лимузинскиот M3 и купе изведбата M4. Тоа го потврдуваат високи менаџери во компанијата. Премиум производителите сé почесто посегнуваат по електромотор во погонската спрега, затоа што од една страна не можат да се откажат од моќните моделски изведби што го градат имиџот на марката, а од друга страна мораат да ги задоволат строгите ограничувања за издувни гасови. Токму хибридниот погон им овозможува, на релативно евтин начин, без потреба од инвестирање во усовршување на конвенционалните технологии, да постигнат поголема моќност за новите генерации модели, а притоа да ја намалат и емисијата на СО2 пред регулаторите.

Значајни искуства доаѓаат од моделите BMW i3 и i8

Воведувањето на хибридниот погон во моделската гама на BMW ќе се случи екскплозивно. Моделите i3 и i8 веќе донесоа вредни искуства
Воведувањето на хибридниот погон во моделската гама на BMW ќе се случи екскплозивно. Моделите i3 и i8 веќе донесоа вредни искуства

BMW веќе има стекнато солидни искуства во развојот на оваа технологија преку мотоспортот и особено преку подмарката BMW i, односно моделите i3 и i8. Хибридниот модул ќе биде приспособен за примена во повеќе модели, во конфигурација со заден и со погон на сите тркала. Покрај строгите норми за СО2, дополнително ограничување за моќните модели како M3 ќе биде и најавата на повеќе светски градови за забрана за пристап во центарот за возила со конвенционален погон. Идниот BMW M3 ќе може на батерии да минува околу 30 километри.

Основата на погонот ќе биде актуелниот шестцилиндарец од три литри со моќност од 431 КС и со турбонатполнење. За следната генерација, овој мотор ќе добие плус од околу 100 њутнметри, веројатно и со користење на иновативната технологија со впрскување водена пареа во вшмукувачкиот тракт, по пример на концептот BMW M4 GTS и на безбедносниот автомобил во Мото ГП. Придружувањето на електромотор во погонската спрега ќе донесе уште поголема моќност и вртежен момент.

Два електромотора за предната оска, бензинец за задната оска

Принципот на хибридниот погон ќе биде сличен на системот KERS што се користи во формула 1. Високата флексибилност на хибридниот модул ќе овозможи негова примена во конфигурација и со заден и со погон на сите тркала, што значи дека идниот М3 ќе може да го задржи задниот погон, секако на задоволство на фановите. Хибридот ќе биде изведен така што бензинскиот мотор ќе ги задвижува задните тркала, додека на предната оска ќе може да се користат еден или два електромотора, зависно од моделот, намената и од моќноста. Сличен принцип ќе користи и суперспортскиот Honda NSX. Со два електромотора ќе може да се постигне и torque-vectoring, односно електромоторот за тркалото од внатрешната страна во свијокот ќе може да добива помал вртежен момент од тркалото од надворешната страна, заради постигнување врвна динамика во свијоци.

[quote_box_right]Пуристите реагираат дека со додавањето батерии ќе се зголеми тежината на M3 и ќе се влошат возните својства, спротивно на целта на инженерите на BMW да ја сведат тежината на моделот на минимум во секоја нова генерација.[/quote_box_right]

Фановите на BMW немаат причина за паника дека батериите ќе ја зголемат тежината на M3. Новите генерации батерии се полесни и помали, со поголем капацитет, а воедно и поевтини. Литиум јонски батерии од еден киловатчас пред десет години чинеа околу 1.000 долари, додека денес нивната цена е намалена на 400 долари. Кон крајот на декадата се очекува цената да се преполови, на 200, па и на 150 долари за киловатчас. Од друга страна, тежината на батериите ќе се компензира со пообемна примена на карбон, по пример на i3 и i8.

Новата генерација на BMW M3 може да се очекува веќе во 2020 година. Конкурентите исто така работат на воведување хибриден погон во своите спортски и репрезентативни модели, од истата причина како BMW. Audi дополнително подготвува и верзија од R8 со чисто електричен погон, а Mercedes ќе воведува хибридни модули во своите модели од врвот на понудата. Секако дека не смее да се заборави и на електричниот Tesla Model S, кој сериозно ги напаѓа докажаните спортски и ексклузивни модели од реномираните марки.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Kia Sportage уловен на тестирање во Кореја

Ferrari подготвува освежување за F12 Berlinetta за 2016