за

Златен Nissan GT-R што (не) може да замени венчален прстен

Да не стануваше збор за дело на јапонска тјунерска работилница, овој златен Nissan GT-R со гравура по целата каросерија ќе изгледаше како очаен обид на некој заљубеник на когошто ниту највредната златна креација немаше да му ја врати саканата.

Заднината на настанокот на овој златен Nissan GT-R веројатно би можела да се искористи за уште една романтична драма со срцепарателна завршница, но нас секако нé интересира само автомобилската приказна. Nissan GT-R е јапонски автомобил што не можело да биде појапонски и сосема е разбирливо тоа што јапонска тјунерска работилница успеа од него да изведе една од најспектакуларните креации на темата. Овојпат не станува збор за вредност на моќта на моторот од којашто се набира асфалтот под тркалата, туку за изработката на каросерискиот финиш.

nissan gt-r zlatna gravura (6)Досега се среќавани најразновидни форми на величање на GT-R како омилен објект на тјунерите, со проширени каросерии, лакирања со психоделични ефекти или мотори навиени над илјада коњски сили. Но, GT-R каков што изработија тјунерите од Kuhl Racing досега не е виден. Секако дека и тука не недостига моќност. Со поголеми турбокомпресори, шесте цилиндри доаѓаат до точно 800 КС. Други тјунери постигнале и многу повеќе.

Да се бојадиса автомобил во златна боја, исто така не е веќе толку оригинална идеја. Но, замислата во каросеријата да се изведе комплицирана гравура каква што можат да постигнат само врвните мајстори на занаетот, тоа е веќе за поздравување. Сите делови од каросеријата се од сопствена изработка на Kuhl Racing, а златниот лак е испорачан од специјалистот Артис Изава, како што може да се прочита на повеќе места по каросеријата.

nissan gt-r zlatna gravura (3)Сложената процедура на позлатување почнува со нанесување на осум слоја лак, па дури потоа се нанесува златната боја. Гравурите по целата површина на возилото се изработени рачно, со длабење во специјалниот кит којшто е поставен како основа врз ламарината. Предниот браник, проширените крила и праговите му даваат многу поголема динамика на спортскиот болид. Назад доминира дифузорот во ист стил како остатокот од каросеријата, со три издувни лонци во средина. Вреди да се погледне и под возилото. Издувните цевки се испреплетени вешто како кај уметничко дело. За изработката на овој Nissan GT-R, на тјунерските експерти во Kuhl Racing им биле потребни три месеци. Возилото беше прикажано неодамна на автосалонот во Токио.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Белгија станува „резервна фабрика“: Volvo V60 се сели во Гент

Швеѓаните не дозволуваат кинеските сопственици да го користат името Saab