Новиот 911 GT3 RS повторно прави спој на тркачка машина и спортски автомобил за секој ден. Обемните модификации во моторот, аеродинамиката и каросеријата значително ги подобруваат перформансите во споредба со 911 GT3. Со време на Нирбургринг од седум минути и 20 секунди, новиот GT3 RS е подобар за девет секунди дури и од суперспортскиот Porsche Carrera GT.
Погонот доаѓа од шестцилиндарски боксер од четири литри со 500 КС и 460 њутнметри, во комбинација со менувач со двојна спојка PDK. Најголемиот и најсилен атмосферски мотор со директно впрскување во семејството на Porsche го забрзува спортското купе за 3,3 секунди до сто и за 10,9 секунди до двесте километри на час.
Каросеријата потекнува од 911 Turbo. Покривот првпат е изработен од магнезиум, а капакот на моторот и на багажникот е од карбон. По средината на хаубата и покривот се протега вдлабнување широко 30 сантиметри, како потсетување на класичниот 911 со воздушно ладен мотор, воедно нагласувајќи и обата каросериски елемента со лесна конструкција во 911 GT3 RS. Следен белег се отворите за проветрување во предните поткрила во стил на чистокрвните тркачки автомобили, коишто досегаат до горното подрачје на крилата и го зголемуваат потисокот врз предната оска.
Внатрешноста на 911 GT3 RS со елементи од алкантара се базира на актуелниот 911 GT3. Разликата е во пколкастите седишта што потекнуваат од карбонските школки на 918 Spyder. Покрај пакетот Clubsport, во стандардниот пакет спаѓаат заштитен кафез зад предните седишта, подготовка за главен прекинувач за струја, како и безбедносни ремени со шест точки и противпожарен апарат.
Продажбата на Porsche 911 GT3 RS стартува во мај по цена од 181.690 евра.