Фирмата nanoFlowcell веќе неколку години го привлекува вниманието со својот електричен погон кој користи електролит место батерии. Досега многумина се сомневаа во сериозноста на проектот.
Првиот нисконапонски електричен автомобил доби дозвола за тестирање по јавните патишта низ цела Европа. Фирмата nanoFlowcell од Лихтенштајн, пред две години предизвика сензација со својот електричен погон, кој за напојување на електромоторите користи електролитска реакција, место батерии. Најголемата предност на технологијата е во тоа постигнува досег како кај конвенционалниот погон. Лани на салонот во Женева беше претставен и вториот автомобил од nanoFlowcell, компактниот Quantino, кој според производителот во моментов може да мине над 1.000 километри со едно полнење на резервоарите.

Quantino е четирисед со должина од 3,91 метри и тежина на празно возило од 1.420 килограми. Електричниот погон работи под напон од само 48 волти и преку четирите електромотори вградени во тркалата постигнува моќност од 108 КС. Производителот ветува забрзување до сто за помалку од 5 секунди, а крајната брзина изнесува 200 километри на час.
Нисконапонскиот систем во Quantino, заедно со погонот nanoFlowcell се одликува со ефикасност којашто е значително повисока во споредба со стандардните електрични возила со висок напон и обезбедува поголема автономија на возилото. Покрај тоа, поради нискиот напон не постои опасност од повреда при незгода или при сервисирање на возилото.
Јонската течност што се полни во резервоарите може да се произведува со релативно прифатлива цена, барем така ветува производителот. Полнењето на резервоарите се врши исто како кај конвенционалните горива, преку пиштол за полнење. При возењето се постигнуваат уште повисоки перформанси отколку кај електричниот погон, при ниска работна бучава. При нормални услови на возење, Quantino може да извози над 1.000 километри со едно полнење. Практични докази за тоа ќе следат подоцна годинава, откако ќе стартуваат тестирањата во реални услови на возење.
















