Студија на реномирана агенција предвидува дека до крајот на деценијава во богатите светски метрополи ќе преовладуваат автомобилите со погон на струја. Заслугата за тоа е во намалувањето на цената на електричните автомобили, заинтересираноста на возачите за купување таков автомобил, но првенствено во строгите закони за зачувување на квалитетот на воздухот во градовите.
На конференцијата за иднината на енергијата во Лондон е презентирана последната студија на познатата консултантска куќа McKinsey, којашто заклучува дека два од три автомобили по улиците во богатите метрополи, како Лондон или Сингапур, до крајот на следната деценија ќе користат електричен погон. Аналитичарите оценуваат дека водечките компании, како Volkswagen или Daimler, вложуваат интензивно во воведувањето модели со погон на струја во следните неколку години.
Volkswagen неодамна ја претстави студијата I.D. на салонот во Париз, како најава за идниот електричен автомобил којшто ќе биде подеднакво важен за развојот на автомобилската бранша, како „бубата“ или Golf. Концернот од Волсбург ветува дека серискиот автомобил ќе чини исто колку Golf со дизел мотор. До 2025 година ќе следат уште триесетина автомобили со погон на струја од сите марки на концернот.
Десеткратно намалување на цената на батериите за една деценија
Големи ветувања пристигаат и од „автомобилскиот пионер“ Mercedes, којшто под новата подмарка EQ специјализирана за електрични автомобили, ќе претстави 10 модели со погон на струја до средината на идната деценија, што на марката ќе ѝ обезбеди лидерство во премиум сегментот.
Студијата посочува и на драстичниот пад на цената на електричниот погон. Додека цената на батериски модул во 2010 година изнесуваше 1.000 долари по киловатчас и истата се намали на 350 долари по киловатчас во минатата година, во почетокот на следната декада таа ќе падне на помалку од 100 долари по киловатчас.
McKinsey заклучува дека автомобилскиот сектор во иднина ќе се соочи со големи промени и со потреба од трансформација на продажниот модел, од класични сопственици на автомобил, во корисници на најширок дијапазон на транспортни услуги. Соодветни промени мора да претрпи и продажната инфраструктура на фосилни горива, со поставување полначи за електрични автомобили и услуги за корисниците на овие возила.
















