Електрични автобуси без возач во швајцарскиот Сион

Два автобуса со погон на батерии и без возач се пуштени во швајцарскиот град Сион. Патниците се пријавуваат преку мобилна апликација, минибусот пристига самостојно. Остануваат уште неколку „ситни“ проблеми.

Во швајцарското гратче Сион веќе пристигна иднината на јавниот превоз. Два минибуса со електричен погон вршат превоз во градот со околу 30.000 жители во кантонот Валис и притоа не само што возат чисто за животната средина, туку користат и стереокамери, сателитска навигација и ласери во замена за возач. Иновацијата продолжува со тоа што минибусите не возат по редовна линија, туку корисниците ги повикуваат преку апликација за паметен телефон.

elektrobus sion
Електричниот погон и автономната технологија ќе воведат многу промени во јавниот превоз во блиска иднина

Минибусите за единаесет патници се произведени во Франција, долги се само 4,80 метри и поради компактните димензии можат да стасаат и таму каде што за вообичаените автобуси е невозможно, вклучувајќи ги пешачките зони и строгиот центар на Сион. Вградената електроника се грижи минибусите самостојно да препознаат пречка или опасност на патот и да реагираат соодветно.

Во моментов е во тек фазата на тестирање, во која минибусите возат со брзина до само 20 km/h, место до максималните 45 km/h. Тестирањето ќе трае две години, а се планира наскоро во рутата да биде вклучена и локалната туристичка атракција, замокот Турбијон. Цел на тестирањето е да се провери како вештачката интелигенција ќе реагира при дожд, снег или темнина, како и во ситуации кога пешак или велосипедист ненадејно ќе се испречи пред возилото.

Службено лице задолжено за притискање на црвеното копче кога ќе згусти

Патниците можат да се чувствуваат безбедно, затоа што минибусите постојано ги придружува службено лице, коешто објаснува како функционира возилото без педали и без волан, но има и задача да го запре возилото во критични ситуации, со притискање на „црвеното копче“. Единствен проблем за патниците засега е бавното темпо и тие што повеќе се интересираат за времето отколку за техниката сепак попрво се решаваат за велосипед или за обичната градска линија.

Претходна објаваВака игра тим од возила на Nissan во лигата на шампиони
Следна објаваКатастрофални резултати од краш-тестовите на автомобилите за Азија и Јужна Америка

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here