за

Десет работи без кои не се може во зима

Не постои лошо време, постои само лоша подготовка. Поради тоа за време на зимата мора да се внимава некои предмети да не недостигаат во возилото.

Возачите треба внимателно да го проверат инвентарот во багажникот кога ќе почнат првите поголеми студови. Додека скијачите се радуваат секогаш кога ќе падне снег, за возачите тоа може да претставува ноќна мора. Но, и тоа може да се избегне ако неопходниот прибор се наоѓа во возилото. Следните десет предмети не смее да недостигаат во возилото.

1. Полна кантичка гориво

Кога ќе падне многу снег можно е патот да остане блокиран повеќе часови. Ако притоа нема доволно гориво во резервоарот за кабината на возилото да се загрева од топлината од моторот, може да биде голем проблем. Затоа секогаш мора да се носи резерва гориво во кантичка во багажникот. Сопствениците на модели со дизелски мотор треба да внимаваат во кантичката да е наполнет зимски дизел, затоа што летниот дизел се згрутчува и го прекинува дотокот на гориво до моторот.

2. Гребалка за мраз

Со цврста пластична гребалка брзо се ослободуваат стаклата од слојот мраз што се нафаќа врз нив во текот на ноќта. Секако дека притоа треба да се мисли и на зимски нараквици. За отстранување на подебел слој снег од покривот и од хаубата е подобро да се користи четка.

3. Средство за одмрзнување

Со него се одмрзнуваат бравите кога во нив ќе продре вода и ќе замрзне преку ноќ. Користа од одмрзнувачот сепак е мала ако истиот остане во багажникот, каде што е недостапен. Подобро е некое помалечко пакување постојоано да се носи в џеб. За спречување на мрзнењето е потребно внатрешноста на бравата да се премачка со масло или графит.

4. Синџири за снег

Тоа секако е основна зимска опрема што не смее да недостига.

5. Лопата

Кога автомобилот е целосно покриен со снег, помага само откопување. Притоа е практично кога во автомобилот се наоѓа малечка лопата што се преклопува. Со неа полесно се ослободуваат тркалата од снегот. За отстранување на снегот од каросеријата сепак е побезбедно кога се користи четката.

6. Џебна светилка

Без разлика дали е зима или лето, светилката користи секогаш, особено во случај на дефект на патот или кога треба ноќе да се наполни садот за миење на стаклата.

7. Сигнален елек

Тоа е најважен прибор во случај на дефект, за возачите навреме да воочат дека има некој на патот. Елекот треба да се наоѓа во кабината, не во багажникот, за да може брзо да се навлече.

8. Резервни светилки и осигурувачи

Комплети може да се купат во секоја подобра продавница за авто прибор. Мал проблем може да биде тоа што кај повеќето нови модели е речиси невозможно да се замени светилка надвор од сервис. Добро е кога возачот знае како се заменува светилка на неговиот автомобил.

9. Кабел за стартување

По само една студена ноќ може да се случи акумулаторот целосно да откаже. Добро е кога во тој случај се наоѓа кабел за стартување. Потребно е само уште во близина да се најде сосед што ќе помогне и има автомобил што пали.

10. Сајла за влечење

Употребата и смислата на сајлата за влечење би требало да се јасни.

… и малку подолгиот список:

  • гребач за мраз
  • средство за одмрзнување брави
  • метличка
  • спреј за одмрзнување стакло
  • средство против мрзнење на течноста во моторот (антифриз)
  • средство за заштита на гумените лајсни
  • волнено ќебе и топла јакна
  • нараквици и дебели чизми
  • кабел за помош при стартување
  • сајла за влечење
  • синџири за снег
  • џебна светилка и батерии
  • лопатка за снег
  • резервна кантичка
  • самолеплива лента за заштита на бравите од мрзнење

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW 435i ги победи Mercedes и Audi на споредбен тест на Auto Bild

Новиот Volkswagen Passat пристигнува в година