за

Дволитарскиот бензинец на Volvo постигнува моќност од 450 КС

Со тројно турбонатполнење и впрскување на горивото под 250 бари, дволитарскиот мотор од новата генерација Drive-E постинува моќност како двапати поголемите од него, при пониска потрошувачка.

Швеѓаните развија концептна верзија со високи перформанси од нивниот дволитарски мотор од новата генерација Drive-E со моќност од дури 450 КС. Со тоа Volvo го открива потенцијалот на неговите мотори, како и технолошкиот напредок во примената на технологијата на турбонатполнење во насока на намалување на потрошувачката на гориво и емисијата на штетни материи.

„Кога ја лансиравме фамилијата мотори Drive-E, нашата цел беше да ги понудиме најнапредните 4-цилиндарски мотори во браншата, во поглед на емисијата и потрошувачката на гориво споредено со перформансите и возливоста. Знаевме дека 320-те КС во нашата бензинска конфигурација се само почетокот. Концептната верзија со 450 КС ја демонстрира оваа амбиција, заедно со флексибилноста на моторите Drive-E,“ изјави првиот човек во развојот на Volvo, Петер Мертенс.

Концептниот мотор со 450 КС користи технологии што се невообичаени за четирицилиндарците. Моторот користи два паралелни турбополначи, коишто се задвижуваат преку турбокомпресор со електричен погон. Компримираниот воздух од овој компресор, место да се внесува во цилиндрите се користи за задвижување на обата паралелни турбополначи. Напојувањето со гориво е преку двојна пумпа за гориво под притисок од 250 бари. Меѓу предностите на ваквата конфигурација е отсуството на „турбо дупка“ при поаѓањето и при ниски вртежи, којашто е проблем кај моторите со еден турбополнач.

„Кај другите производители постојат неколку помали мотори со висока моќност во коишто се користи еден голем турбополнач за постигнување на високото ниво на моќност, но возењето со нив е непријатно поради бавната реакција на моторот,“ оценува Мајкл Флајс, прв човек за мотори во Volvo.

Прототипот со 450 КС уште во почетокот предизвика интерес кај добавувачите AVL и Denso, исто како и кај Volvo Polestar Racing, што влијаеше врз натамошното созревање на технологијата, со примена на решенија и технологии од мотоспортот. Компактната конструкција на моторот влијае врз подобрувањето на распределбата на тежина меѓу предната и задната оска, а дополнително го спушта и тежиштето. Тоа се два фактора што имаат значителен ефект врз управливоста, без разлика дали станува збор за тркачки или патнички автомобил. Покрај тоа, ниската тежина и потребата од мал простор на моторот создаваат поволни услови за изведување хибридни варијанти на погон во сериските модели на шведската марка.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Американските концерни ја претркаа европската конкуренција

Газдите на BMW се најбогато семејство во Германија