за

Данска ја има најголемата автоматска гаража во Европа

Поедноставно и побрзо не може. Возачот го остава возилото во кабината, зема билет и понатаму преземаат роботите. Со капацитет за 1.000 возила, во данскиот Архус проработе најголемата и најмодерна катна гаража во Европа.

Барањето слободно место во големите катни гаражи честопати умее да биде исцрпувачки и непријатен чин. Тука нема потреба возачот да бара место и да кружи по тесни патеки. Во данскиот град Архус проработе најголемата целосна автоматизирана катна гаража во Европа, а воедно и најмодерна, затоа што тука не се користат ниту палети за возилата да се пренесуваат до одредиштето.

Роботите или танакаречени „шифтери“ се поставуваат под тркалата и го носат возилото до одредиштето
Роботите или танакаречени „шифтери“ се поставуваат под тркалата и го носат возилото до одредиштето

На три ката под објектот на новата градска администрација, на површина од 100 х 82 метри, се наоѓа катната гаража со капацитет за 1.000 возила. Користењето е крајно поедноставено. Возачот само го остава својот автомобил во една од 20-те кабини наредени една до друга на висина на улицата и зема билет за паркирање. Оваа кабина е единствениот контакт на возачот и гаражата. Понатаму, целата постапка се одвива автоматски. Автомобилот преку лифт се спушта надолу, каде што го прифаќа од некој од 24-те хоризонтални транспортери и потоа го носи до слободното место. Целата работа на пренесувањето на возилото од лифтот на транспортерот и потоа од транспортерот до слободното место ја вршат иновативни роботски системи.

Класичните палети за пренесување на возилата се заменети со „шифтери“

Со замената на вообичаените палети за носење на возилата со транспортери значително се забрзува и поедноставува постапката на паркирање. Токму во тоа лежи и тајната за големината на оваа гаража, наспроти обичните роботизирани гаражи кои имаат капацитет до 300 возила. Ниските „шифтери“ се поставуваат под тркалата на возилото и го подигнуваат за да го пренесат од лифтот на транспортерот, кој понатаму го носи возилото до неговото место. Овие „шифтери“ или роботи се управуваат преку блутут и безжична мрежа, што е иновација во автоматските катни гаражи. Роботите се приспособуваат за секој вид и должина на автомобил.

Кабината е единственото место каде што сопственикот има „контакт“ со гаражата
Кабината е единственото место каде што сопственикот има „контакт“ со гаражата

Посебна фунција е таканаречениот „Shopping-drop-off”, односно можноста корисникот на гаражата да го повика автомобилот за во него да ги остави купените работи и потоа да побара автомобилот повторно да се врати во гаражата. За оваа услуга не треба да се плаќа дополнително. Автоматската гаража може да паркира просечно 230 автомобили за еден час. Корисникот обично чека меѓу една и две минути од оставањето на возилото во кабината до издавањето на билетот, додека преземањето исто така трае меѓу 60 и 120 секунди, во 85 проценти од случаите. Тоа што е најважно: Паркирањето во автоматската катна гаража не е поскапо отколку во обичните гаражи. Данците веќе градат сличен систем и во Копенхаген.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo со најдобра месечна продажба во историјата

Honda го враќа родстерот S2000 како конкурент на Mazda MX-5