Германија ќе забрани продажба на автомобилите на Fiat Chrysler?

Вредноста на акциите на Fiat Chrysler е во силно опаѓање откако германските власти најавија можност за забрана на продажбата на модели во коишто е потврдено присуство на уреди за манипулација на издувните гасови.

Акциите на италијанско-американската групација Fiat Chrysler забележаа пад од 5 проценти откако германските автомобилски власти во нејзините модели утврдија присуство на уреди кои вклучуваат посебен режим на работа на моторот, само заради исполнување на законски пропишаните лимити на штетни материи во издувните гасови. Германската агенција за моторен сообраќај во минатите неколку месеци тестираше околу педесетина модели од различни марки, заради утврдување на присуството на уреди за манипулација на емисијата.

Агенцијата потврди дека во повеќе модели на Fiat Chrysler постојат системи кои вклучуваат посебен режим на работа на моторот, во времетраење од 22 минути. Нормите за тестирање на потрошувачката на гориво и на емисијата на штетни кај новите модели предвидуваат период на тестирање во времетраење од 20 минути. Според локалните медиуми, Германија може да донесе забрана за продажба на моделите на Fiat Chrysler, доколку производителот не ги почитува законските норми за емисија на штетни материи.

Fiat Chrysler може да го изгуби вториот најголем пазар во Европа, по домашниот

Германија е втор најголем пазар за автомобилите на Fiat Chrysler, по италијанскиот пазар, со продажба од околу 25.000 возила од почетокот на годинава. Првите сомнежи околу чистотата на издувните гасови на моделите на Fiat избија во јавноста откако германското здружение за заштита на животната средина излезе со факти дека дволитарскиот дизел мотор во кросоверот Fiat 500X има драстично повисока емисија на штетни азотни оксиди од законскиот лимит.

Автомобилските производители се најдоа под голем притисок од политиката откако лани во септември се потврди дека Volkswagen користел софтвер што вклучува специјален режим на работа на моторот, при хомологацијата на возилата за пазарот во САД. Познавачите сепак веќе подолго време се свесни дека оваа практика е општо применета од речиси сите производители на автомобили, особено во класите на помалите и средните автомобили, кадешто цената и острата конкурентска битка не дозволуваат вградување на уреди за третирање на издувните гасови преку селективна каталитичка редукција и впрскување Adblue за намалување на емисијата на азотни оксиди.

Германското здружение за заштита на животната средина уште пред неколку месеци ги објави резулатите од тестирањето на емисијата на штетни материи во 1,6-литарскиот дизел во Opel Zafira.

Претходна објаваMercedes и Audi ја спасуваат честа на дизел моторот
Следна објаваКинески суперавтобус во дриблинг со автомобилите под него

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here