за

Во само 99 примероци: Mercedes-Maybach G 650 Landaulet

Култниот теренец на Mercedes го заслужи и знакот на Maybach. По лимузината и купето од S-Class, како трет модел под престижната марка пристига ексклузивна изведба на G-Class, со мотор V12, електрично задвижуван платнен покрив и ентериер што е изработен како најлуксузен дом.

Долгото постоење на G-Class е проследено со бројни суперлативи и историски обележја. Но, ова што сега доаѓа од Daimler дефинитивно е врв на целата историја на овој култен автомобил што е присутен на сцената уште од 1979 година. Две големи имиња се поврзаа со G-Class: Maybach и Landaulet.

Mercedes-Maybach G 650 Landaulet е долг 5,35 метри, со меѓуоскино растојание од 3,43 метри, висина од 2,24 метри и речиси половина метар растојание од подлогата. Верно на ознаката Landaulet, задниот дел е оставен под отворено небо, со што G 650 нуди единствена комбинација од шоферски автомобил и теренец.

Mercedes-Maybach G 650 Landaulet

Големиот платнен покрив се отвора на копче и на патниците на двете единечни седишта назад им овозможува непречено уживање во возењето под отворено небо. Меѓу возачот и задниот дел од возилото може да се подигне преграда со притискање на копче, со стакло што може да се затемни по желба.

Масажа по отворено небо во залегната положба во задните седишта

Сите 58 дополнителни сантиметри во продолженото меѓуоскиното растојание одат во корист на просторот за нозе на патниците, на седиштата од прва класа преземени од S-Class. Секако дека овој простор е добредојден кога патниците ќе решат да залегнат во фотелјите и да се препуштат на масажната функција.

Mercedes-Maybach G 650 Landaulet

Меѓу двете задни седишта се наоѓа голема преграда во којашто пијалоците може да се загреваат или разладуваат. По пример на авионските седишта, од конзолата се извлекуваат две масички што се обложени со кожа. Тука се наоѓаат и прекинувачите за климатизацијата, за покривот и за осветлувањето, додека на попречниот носач што е дел од преградниот ѕид се поставени два дисплеја со пречник од 25 сантиметри.

Скалила што се спуштаат со помош на електромотори за полесен пристап во кабината

Седиштата се обложени со кожа од ексклузивната понуда на designo, во двобојна изведба и можност за избор на четири комбинации. На тоа се надоврзува избор од три бои за покривот и четири бои за каросеријата, секако и тие од ексклузивната понуда на designo. Како стилска завршница следуваат керамички полирани бандажи од 22 инчи со натпис Landaulet. За полесно пристапување до кабината служи скалило што се извлекува со помош на електромотор.

Mercedes-Maybach G 650 Landaulet

Тоа што G-Class го нуди во верзијата Maybach, како никој друг автомобил со ова име досега, секако дека е теренската способност. Оските потекнуваат од AMG G 63 6×6 и G 500 4×42 и за разлика од стандардната изведба, центарот на тркалата не е во иста линија со оската, туку е неколку педи подолу. На тој начин теренската проодност се зголемува драстично.

[mks_pullquote align=”left” width=”300″ size=”24″ bg_color=”#000000″ txt_color=”#ffffff”]Од реактивирањето во 2015 година се продадени над 15.000 примероци од марката Mercedes-Maybach. Секој десетти продаден примерок од S-Class е во верзија на ексклузивната марка. G 650 Landauler е петти модел под марката Mercedes-Maybach, покрај лимузинската верзија, Pullman, кабриолетот и студискиот автомобил Vision 6[/mks_pullquote]

Гумите со димензија 325/55 R 22 нудат оптимална основа за возење и по терен и по асфалт. Стопроцентната блокада на диференцијалите секако дека не отсуствува, исто како и теренската редукција.

Под хаубата работи најсилниот мотор што моментно е на располагање во Daimler, дванаесетцилиндарец со битурбо натполнење, 630 КС и вртежен момент од точно 1.000 њутнметри.

Штутгарт ги изработува верзиите Landaulet преку сто години

Традицијата на изработка на „претседателските“ верзии Landaulet на штутгартскиот производител трае подолго од сто години, уште од Benz 24/45 PS од 1910 година. Уште неколку прочуени модели се провлекуваат низ историјата: Mercedes-Benz 300 d Landaulet (1960), Mercedes-Benz 600 Pullman Landaulet (1964) и Maybach Landaulet (2008).

Ексклузивната верзија на G-Class се изработува во Грац, Австрија, исто како и останатите моделски изведби на теренецот, но ќе се изработи во драстично редуцирана серија. Само 99 примероци ќе се испорачаат од G 650 Landaulet, почнувајќи од наесен. Светската премиера на моделот е веќе во следниот месец, на салонот во Женева.

[FAG id=27272]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Специјалистот за терен: Suzuki со три варијанти на погонот на сите тркала Allgrip

Холанѓаните го имаат првиот летечки автомобил во продажба