за ,

Вистинскиот коктел за моторот: Редовна проверка на течноста за ладење

Течноста за ладење има многу повеќе задачи отколку само заштита од мрзнење и прегревање

Време е за пролетна подготовка на автомобилите. Притоа не треба да се заборави течноста за ладење, и покрај тоа што современите модели не бараат одржување на системот за ладење.

Не треба да се чека вклучување на знаците за предупредување во инструментите, па дури тогаш да се проверува што не е во ред со системот за ладење. Дури и најмалото протекување може да предизвика постојано губење на средството за ладење. Со редовна проверка на садот за изедначување на течноста за ладење може да се избегнат скапи поправки.

Во моторите со внатрешно согорување е многу жешко и тоа е јасно. За моторот да не прегрее и да не се оштети, топлината се спроведува кон ладилникот. Во затворен систем за ладење под притисок од пумпа течат околу пет до десет литри течност за ладење, од главата и блокот на моторот до ладилникот. Течноста за ладење е смеша од вода и концентрирано средство за ладење, коешто меѓу другото содржи и заштита од мрзнење и од корозија. Но, течноста за ладење не трае вечно и мора да се заменува.

Проверка и дотурање само при незагреан мотор!

Доколку цревата се во ред, а нивото на течноста за ладење опаѓа и натаму, причината може да е во пумпата за вода или во заптивката на главата на моторот. Течноста за ладење треба да се проверува само при незагреан мотор. Системот е под притисок кога моторот е загреан и отворањето на капакот на садот може да предизвика сериозни повреди или изгореници. Ако студена течност за ладење се дотури кога моторот е врел, можно е под дејство на наглата температурна разлика да дојде до создавање пукнатини.

Садот за изедначување на течноста за ладење се препознава по белата боја и по предупредувањето дека постои опасност од изгореници што е испечатено на капачето. Отстрана се ознаките за минималното и максималното дозволено ниво на течноста. Кога моторот е незагреан, нивото на течноста треба да се наоѓа меѓу двете крајни ознаки. При прениско ниво, најлогичниот чекор е да се провери дали има дамки под моторот кога возилото мирува подолго време.

Кај течноста за ладење е важно да биде погодена смешата. Вистинскиот коктел за моторот е пропишан од производителот на возилото и треба да се почитува. Моторите користат смеша од вода, моноетиленгликол – повеќевалентен алкохол против замрзнување – како и додатоци, коишто главно заштитуваат од корозија, кавитација, пенење, па и прегревање.

[quote_box_left]Составот е многу покомплексен отколку што се чини и затоа е потребно да се внимава повеќе при изборот на средството за ладење.[/quote_box_left]

Во итен случај не треба да се дотура кое било друго средство за ладење, туку само вода – внимавајќи моторот да не биде претопол и водата престудена. Вистинскиот сооднос на мешање може да се дотера подоцна, со пропишаното средство за ладење. Концентратите се најдобриот начин за повторно постигнување на правилниот сооднос.

Зошто не треба да се дотура кое било друго средство за ладење?

Ако во итен случај се додаде кое било друго средство за ладење и се измеша со постоечкото средство во моторот, доаѓа до сериозно нарушување на заштитата од корозија. Во најлош случај може да се зачепат каналите од системот за ладење во моторот. Доколку моторот прегрее, заптивката на главата на моторот гори, а тоа може да доведе до тотално оштетување на моторот.

Замената на течноста за ладење треба да се врши во овластениот сервис. Често пати се заборава на замената, затоа што таа престои дури во втората половина од животниот век на возилото, во којашто ретко се проролжува со одржувањето според препораките на производителот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen CC ќе ја пополни празнината меѓу Passat и Phaeton

Ford S-Max со темпомат што спасува од казна за пребрзо возење