Jaguar Land Rover е најдоброто место за работа во Британија, открива анкетата што ја објави Bloomberg. Вториот најдобар работодавец од автомобилската бранша е дури на 17-то место.
Во истражувањето во коешто беа опфатени 400 компании со над 500 вработени во Велика Британија, производителот на автомобили Jaguar Land Rover се најде на првото место како компанија со најдобри услови за работа во земјата. Втората најдобра компанија за работа од автомобилскиот бизнис е Vauxhall, британска филијала на General Motors, пласирана дури на 17-то место. Луксузната марка Rolls-Royce се наоѓа на 18-то место, додека конкурентот Bentley е на 36-то место.
Jaguar Land Rover во последните пет години отвори над 20.000 нови работни места и неговиот работен персонал моментно брои 35.000 лица само на територијата на Велика Британија. Истражувањето беше спроведено меѓу 15.000 вработени лица во Британија, кои одговараа на 35 прашања за нивното задоволство од компанијата за којашто работат, но го даваа своето мислење и за компаниите од вкупно 23 сектори, различни од секторот на нивната компанија.
















