за

Автомобилот на Toyota со погон на водород пристига во септември 2015

За следната година Toyota трикратно ќе ја зголеми продукцијата на водородниот автомобил. Но, тоа не значи дека сите што сакаат да купат Mirai ќе успеат да го добијат

Toyota претстави својот прв сериски автомобил со погон на водород. Продажбата на Mirai во Јапонија стартува во декември, а веќе во следниот септември таа ќе биде достапна и во Европа.

Mirai и официјално е името на автомобилот со погон на водород што Toyota првично го претстави како FCV или Fuel Cell Vehicle. Првиот сериски автомобил со погон со горивни ќелии штотуку доживеа премиера во Јапонија, каде што на 15-ти декември ќе започне и неговата продажба. Европскиот старт се очекува во декември 2015 година, но со цената од околу 80.000 евра тој ќе биде достапен само за подобро ситуираните еко-ентузијасти, односно за незначително поголем круг на купувачи во земјите што имаат широкогради субвенции за автомобилите со нулта емисија на штетни гасови, како Норвешка и Холандија.

Колку што е оригинален со техниката, Mirai е исто толку оригинален и со дизајнот. Според Toyota, автомобилот со погон на водород изгледа како капка вода, а покривот се чини како да лебди над возилото. Лимузината од 4,89 метри има исклучително тенки предни светла со по четири светлечки диоди, а од обете страни на големата маска се наоѓаат огромни отвори за воздух. Горивните ќелии имаат голема потреба од воздух, не само заради нивното ладење, туку и заради обезбедување доволна количина свеж кислород којашто е потребна за хемиската реакција со водородот. По целата ширина на опашот се протега сопирачко светло со светлечки диоди, а во неговиот дизајн доминираат трапезовидни форми. Купувачите ќе можат да избираат меѓу шест бои за каросеријата.

Повеќе интерес сепак привлекува погонската техника. Електромоторот располага со системска моќност од 154 КС, со вртежен момент од 335 њутнметри уште при поаѓањето. За досегот и моќноста на Mirai, Toyota наведува само дека тие се споредливи со автомобилите со конвенционален погон, без повеќе детали околу тоа. Најголемата сензација е сепак во тоа што од издувната цевка не излегува ништо друго освен чиста водена пареа. Полнењето на резервоарите со водород не трае со часови, како кај електричните автомобили, туку само три минути, исто како кај возилата со бензински или дизел мотори.

Водородот се чува под притисок од 700 бари во резервоарите во подот. Toyota тврди дека нема никаква опасност од опасниот гас под притисок. Резервоарите се изработени од екстремно отпорна пластика што е зајакната со три слоеви карбон, а каросеријата ја прима сета енергија при евентуален судир. Во случај да протече водородот, сензорите веднаш го регистрираат тоа и го прекинуваат дотокот на експлозивната материја. Бидејќи сите водови и резервоари се наоѓаат надвор од патничката кабина, водородот веднаш испарува, што значи дека нема опасност за патниците. За дополнителна безбедност се грижат систем за самостојно сопирање при опасност од судир, како и системи за следење на лентата и предупредување при возило во мртвиот агол.

Патниците добиваат максимален комфор во кабината, со облоги од мека кожа на внатрешната странана вратите, со греење на воланот и на седиштата, клима уред и систем за пречистување на воздухот Nanoe. Таблата со инструменти се состои од бризномер и мултиинформациски дисплеј со пречник од 4,2 инчи. Toyota ветува одлична просторна понуда во кабината, благодарение на поставувањето на резервоарите во подот. Друга предност од ваквата погонска конфигурација е ниското тежиште на возилото, што гарантира добри возни својства и висока стабилност.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Студијата Prologue ја најавува дизајнерската револуција во Audi

Њујорк ќе ги трансформира мобилните ќелии во WLAN-Hotspot