Јапонија останува водечка сила во автомобилите на струја

Од седумте водечки земји во производството на автомобили, Јапонија напредуваше најдалеку во погонот на струја, како во поглед на технологијата, така и во бројот на произведени возила.

Јапонските производители на електрични автомобили продолжуваат да ја зголемуваат предноста, како во поглед на бројот на продадени автомобили, така и во поглед на технолошкиот напредок на возилата и на нивните функции. Тоа го открива последната студија на консултантското биро Роберт Бергер за првиот квартал од 2014 година. Студијата го пресметува индексот на конкурентност во погонот на струја на седумте водечки автомобилски нации, Германија, Франција, Италија, САД, Јапонија, Кина и Јужна Кореја.

Електричните автомобили во Јапонија се поевтини до 40 проценти

Цените на електричните автомобили на јапонскиот пазар се значително пониски отколку на другите пазари. Новите возила на струја се и до 40 проценти поевтини отколку во Европа. Тоа придонесе околу 80 проценти од електричните автомобили во Јапонија да бидат во приватна сопственост, а останатите 20 проценти се службени возила. Следниот пресуден фактор за водечката улога на Јапонија е широката мрежа од полначи за струја.

За разлика од моторите со внатрешно согорување, што автомобилските гиганти најчесто ги произведуваат сами, во производството на електромотори не постои единствена стратегија. Европските марки ги произведуваат електромоторите самостојно или преку заеднички компании со големите добавувачи, искористувајќи го нивното искуство, додека јапонските производители имаат двојна стратегија. Тие набавуваат едел дел од електромоторите од сопственото производство, а дел од надворешни добавувачи. Французите и Американците, пак, воопшто не произведуваат сопствени електромотори.

Важна алка во синџирот се и литиум јонските батерии. Тие се произведуваат исклучиво од претпријатија што инаку не се активни како добавувачи за авто индустријата и во најголемиот дел се наоѓаат во Јапонија и Јужна Кореја. Токму тоа им обезбедува голема предност во конкурентноста на јапонските авто производители. Сите компоненти се произведуваат локално или се набавуваат регионално.

Гигафабриката на Tesla ќе ја протресе целата индустрија на батерии

Најавената изградба на „гигафабрика“ од производителот на електрични автомобили Tesla на територијата на САД со капацитет од 35 гигаватчасови може од темел да ја промени структурата на индустријата за производство на батерии. Скалестиот ефект што ќе произлезе од тоа има потенцијал да ја потресе целата индустрија на батерии

Студијата на Роберт Бергер ги класифицира седумте најголеми автомобилски нации според три индикатори, односно технологија, индустрија и пазар. Во поглед на технологијата, Јужна Кореја ја презеде водечката позиција од Германија, која исто како и САД се ориентира првенствено кон поскапите решенија на погонот на струја. Франција заостанува поради недоволната динамика во развојот на моделската палета, додека Кина и Италија воопшто немаат забележано технолошки напредок во автомобилите на струја.

Во 2016 година САД ќе произведе 460.000 возила на струја

Јапонците се неприкосновени во поглед на индустријата, со мала предност пред САД. Обете земји и натаму се најважни производители на возила на струја. Јапонија профитира првенствено во производството на батерии. Во 2016 година, земјата ќе покрива околу 60 проценти од глобалната продукција на батерии. Јужна Кореја ќе учествува со 16 проценти, додека Германија има само четири проценти. Најважна локација за производство на електрични возила се САД. До 2016 година таму ќе се произведуваат преку 460.000 електрични автомобили годишно. Германија и Франција ќе бидат рамо до рамо во годишната продукција во 2016 година, со околу 250.000 возила.

Пазарот им припаѓа на Американците. Во минатата година таму се продадоа 96.000 електрични возила и хибридни возила со надворешно полнење на батериите. Ако бројот на електрични возила се спореди со целиот автомобилски пазар на одредена земја, Франција е на првото место, со пазарен удел на електричните возила од 0,83 проценти. Тоа значи дека на секои 10.000 продадени возила, 83 имаат електричен погон.

Претходна објаваАвтомобилите учат да паркираат сами
Следна објаваBMW M4 DTM: Овој BMW ќе ги носи Mercedes и Audi во заби

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here