Opel со години беше омразената ќерка на General Motors. Откако Мери Бара го презеде кормилото на General Motors, за марката со молњата повторно има надежи, а ќе и има нов модел.
Новата шефица на гигантот General Motors за првото службено патување надвор од САД го избра Риселсхајм, седиштето на Opel. Тоа воопшто не е случајност, како што објаснува Бара, „марката со молњата е една од најголемите во рамките на концернот и во Европа, и Германија е столбот на Opel“. По тој повод, шефицата најави производство на нов модел во фабриката на Opel во Риселсхајм. Заради заштита од конкуренцијата, таа сеуште не го открива името на моделот.
Посетата на Мери Бара е јасен знак за првиот човек на Opel, Томас Нојман. До 2016 година General Motors ќе вложи четири милијарди евра во Германија и во Европа, за Opel да ги исполни поставените цели. Дотогаш на пазарот ќе се појават 23 нови модели и 13 нови мотори.
Со инвестицијата од четири милијарди евра и со строгите мерки за штедење, Opel ќе се врати во зоната на профитабилност најрано во 2016 година. Од влегувањето во новиот милениум, германската марка забележа загуба од десетина милијарди евра. Со успехот на новите модели, Opel во минатата година за прв пат по петнаесет години не забележа пад во пазарното учество во Европа, како клучен пазар за марката. Загубите исто така се намалени благодарение на реструктурирањето. Лани Opel продаде 1,06 милиони автомобили, исто колку и во предминатата година.