за , ,

Холивудски ѕвезди возат Mercedes со погон на водород – и пијат вода од него

Холивудските ѕвезди Дајан Кругер и Џошуа Џексон во последните две години ја возат класата B на Mercedes со погон на водород. Назад излегува само вода. Тоа е корисно во пустина.

Класата B на Mercedes со погон на водород неуморно ги совладува километрите во последните неколку години. Флота од 70 возила од верзијата на моделот со ознака F-Cell досега мина преку 1,6 милион километри по патиштата и беспаќата во САД, притоа заштедувајќи 113.500 литри гориво и поштедувајќи ја атмосферата од 270 тони јаглероден диоксид. Низ светот возат вкупно 200 примероци од B-Class F-Cell, а еден од нив има поминато веќе 315.000 километри. Актерскиот пар Дајан Кругер и Џошуа Џексон неодамна сними кус филм за необичните можности што ги нуди погонот на водород. Филмот е сниман во Долината на смртта, како едно од најсушните места во светот.

„Станавме големи љубители на погонот со водород. Автомобилот се користи наједноставно. Во секојдневието немаме ограничувања во мобилноста, а немавме ниту проблеми со водата во Долината на смртта“, раскажува Дајан Кругер. „Резервоарот се полни за три минути, потоа се вози 400 километри, а притоа не се испушта ниту грам штетни гасови“, додава Џошуа Џексон. Во филмот „Совладување на Долината на смртта“, двајцата водат два дена низ Долината на смртта на температура од 50 степени Целзиусови – без резерви од вода. Нивниот живот зависи само од водата што капе од издувната цевка на B-Class F-Cell. Холивудските ѕвезди без проблеми ја користат оваа вода за пиење и готвење.

Горивната ќелија е подготвена за погон на иднината


B-Class F-Cell е првиот електричен автомобил со погон на водород на Mercedes-Benz произведен во сериски услови. Струјата за електромоторот се произведува преку хемиска реакција меѓу водородот и кислородот. Преку повеќе проекти во Германија, САД и Норвешка, а последно со F-Cell World Drive, марката со сребрената ѕвезда докажа дека е дојдено времето на електричните автомобили со горивни ќелии и дека водородот има огромен потенцијал како гориво на иднината.


На F-Cell World Drive во 2011 година, три модели од класата В со погон на водород за 125 денови совладаа 30.000 километри низ 14 држави на четири континенти, што беше конечен доказ за зрелоста на погонот. Покрај 200-те примероци од B-Class F-Cell, од 2001 година Mercedes има произведено 60 примероци од класата А со погон на водород, три примероци од доставниот Sprinter, како и 60 автобуси. Сите овие возила заедно имаат поминато преку девет милиони километри во тестирање.

Со цел побрзо и поевтино да се развие технологијата и да се воспостави широка глобална мрежа од станици за точење водород, Daimler, Ford и Nissan во почетокот на 2013 година склучија соработка за заеднички развој на систем за погон на водород со горивни ќелии. Планот е во 2017 година партнерите да стартуваат со продажба на сериски возила со погон на водород. Германија постави цел до 2023 година на територијата на државата да изгради 400 станици за полнење водород.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори
  1. Во Македонија и други не развиени земји ќе се појави голем проблем, промената на горивото од фосилни на водород или електрика ќе се случи многу брзо, и развиените земји ќе сакат што побргу да се ослободат од старите возила на фосилни горива ќе ги продадат на неразвиените , и тој процес е веќе почнат, и тие ќе се гушат во издувните гасови од возилата а плус по регулативата од Кјото ќе мора да плаќат за загадуванје за секој автомобил за испуштање јагленород.Бластите треба да се замислат и направат стратегија да го спречат тоа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Нов Land Rover Freelander пристигнува во 2015 година

Opel Corsa возвраќа на фејслифтот на Polo