за ,

Хибриден BMW X5 со потрошувачка од 3,3 литри

X5 е првиот сериски хибрид на BMW со надворешно полнење на батериите. Со постојан погон на сите тркала и системска моќност од 313 КС, големиот теренец троши двојно помалку и од некои градски автомобили.

По успешниот старт со подмарката „BMW i“, специјализирана за електро и хибриден погон, Баварците продолжуваат со електрификацијата и во стандардната понуда на модели, почнувајќи со BMW X5 xDrive40e, како прв сериски модел на матичната марка со хибриден погон и можност за полнење на батериите преку обичен приклучок за струја. Четирицилиндарскиот бензинец со турбонатполнење и електромоторот даваат системска моќност од 313 КС и просечна потрошувачка од 3,3 литри, според нормите за хибридни автомобили.

На големиот дисплеј се прикажува моментната активност на компонентите од хибридниот погон
На големиот дисплеј се прикажува моментната активност на компонентите од хибридниот погон

Енергијата за електромоторот што е вграден во 8-степениот менувач Steptronic доаѓа од литиум-јонска батерија, којашто преку трансформатор ја напојува со струја и обичната 12-волтна мрежа во возилото. За полнење може да се користи обичен приклучок за струја или специјална BMW i Wallbox, односно секој јавен полнач за струја. Батеријата е поставена безбедн под подот на багажникот, којшто со зафатнината од 500 до максимални 1.720 литри и натаму ја нуди вообичаената практичност на големиот теренец на BMW.

Возачот сам го одредува енергетскиот биланс во возењето на хибридот

Со копчето eDrive коешто е поставено во средишната конзола, возачот може да избира неколку модуси на работа на хибридниот погон. Во автоматскиот модус, бензинецот добива поткрепа од електромоторот при забрзување и престигнување, преку дополнителната испорака на 250 њутнметри. Забрзувањето до сто трае само 6,8 секунди. Доколку возачот сака да ја користи само енергијата во батериите, на пример при секојдневните градски рути, во тој случај му стои на располагање модусот MAX eDrive, со можност за возење на струја до 31 километар и со крајна брзина ограничена на 120 km/h.

Погонската технологија eDrive во голем дел потекнува од суперспортскиот i8

Дополнителен модус е SAVE Battery, кога погонот не ги „чепка“ батериите и електромоторот, и X5 вози само со бензинскиот мотор, при што и батериите може да се дополнат со енергијата при сопирање и возење под инерција, па откако батериите повторно ќе се наполнат, возењето да продолжи само на струја или со комбинирана работа на хибридот. Без разлика од избраниот модус, силата од погонот се пренесува постојано на сите тркала преку интелигентниот погон на сите тркала xDrive. Покрај модусот на хибридниот погон, преку посебен прекинувач може да се избира и општото дотерување на возилото, односно комфорна, спортска или еко програма на работа на амортизацијата, менувачот, управувањето и сите други подрачја што ги контролира „активниот“ систем.

Мобилна апликација за далечинско вклучување на греењето или ладењето на кабината

Вообичаено за хибридните автомобили, на дисплејот на системот за навигација, којшто е стандарден во X5 xDrive40e, се прикажува моментната активност на компонентите од погонот. Мобилната апликација BMW Remote App овозможува следење на наполнетоста на батериите преку мобилниот телефон на сопственикот, исто како и прикажување на мрежата од најблиски станици за полнење на батериите и процена на досегот со актуелната наполнетост на батериите. Дополнително преку Remote App може далечински да се вклучува и исклучува греењето или ладењето на кабината додека возилото мирува на паркинг. Енергијата за климатизацијата на кабината доаѓа од батеријата.

Продажбата стартува наесен, производството е во фабриката на BMW во Спартанбург, САД
Продажбата стартува наесен, производството е во фабриката на BMW во Спартанбург, САД

Покрај системот за навигација BMW Professional и греењето и ладењето во место, во стандардната опременост на хибридниот X5 спаѓа и активна амортизација, вклучувајќи пневматска амортизација на задната оска и динамична контрола на амортизерите. Исто како за останатите модели во гамата на X5, хибридната верзија може да се добие во верзија со спортски пакет од M GmbH, како и со ексклузивните ставки од понудата на BMW Individual. Продажбата стартува наесен.

Технички податоци · BMW X5 xDrive40e

Должина/Ширина/Висина 4886 / 1938 / 1762 mm

Меѓуоскино растојание 2933 mm

Резервоар 85 L

Празно возило 2305 kg (со возач)

Носивост 750 kg

Тежина на приколка 2700 kg

Багажник 500 –1720 L

Системска моќност на погон 313 КС
(бензински мотор 2.0 l, турбонатполнење, директно впрскување, варијабилно управување со вентили Valvetronic, 245 КС, 350 Nm од 1.250 до 4.800/min; Електромотор со максимална моќност 113 КС (номинално 75 КС), 250 Nm од 1 до 5.000/min, батерии литиум јон, 351 V, капацитет 9,0 kWh, времетраење на полнење <2,8 h при 3,5 kW (230 V); менувач осумстепен автоматски Steptronic)

Гуми 255/55 R18 109 V XL

Бандажи 8,5J x 18

Забрзување 0-100 km/h за 6,8 ѕ

Крајна брзина 210 km/h (120 km/h при погон на струја)

Досег при погон на батерии 31 km

Просечна потрошувачка 3,3 L/100 km

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Видео: Зошто автомобил тука не се паркира во никој случај!

Audi стартува со нарачки за новиот Q7