Концептот Leon Cross Sport е големата мистерија во Франкфурт. Што тој бара тука и што најавува? Во зборовите на шефот Штакман сепак може да се препознае логичното објаснување за иднината на овој Seat.
Сигурно има изминато деценија откако Seat за првпат експериментираше со идејата за кросовер и спортски теренец. Сега откако заврши серијата концепти на оваа тема и потврден е стартот на компактниот теренец кој ќе биде сериска реализација на концептот 20V20, нејасно е зошто на салонот во Франкфурт сега се појавува овој недефиниран Leon Cross Sport. Уште помалку е јасно ако се има во предвид дека сличен модел веќе се нуди во серија – фантастичниот Leon X-Perience, врз база на комбито Leon ST.
На што тоа се тестира реакцијата на публиката?
Само шефот Јирген Штакман може да помогне. „Со Leon Cross Sport тестираме нова идеја: Перформансите на Leon Cupra во спој со многубројните можности што ги нуди автомобил со погон на сите тркала,“ открива Германецот на чело на шпанската марка. „Со тоа, Leon Cross Sport совршено одговара на нашата марка и за млад, темпераментен животен стил. Како компактен модел со две врати, овој кросовер добро се вклопува во градската слика.“ Сето тоа не значи друго освен: Серискиот кросовер што ќе произлезе од студијата 20V20 ќе се нуди и во екстремната спортска верзија Cupra.
Салонскиот примерок ја црпи силата од дволитарски TSI со моќност од 300 КС, со кого кросоверот изведен од Leon SC забрзува до сто за 4,9 секунди. Погонот на сите тркала е реализиран со петтата генерација на спојката халдекс, која комбинира хидраулична активација и електронска регулација. На тој начин, спојката реагира исклучително брзо на секакви промени во условите на патот, обезбедувајќи висока безбедност, но и врвна динамика во возењето. Растојанието од подлогата е за 41 милиметар поголемо во споредба со сериската Cupra SC. Бандажите, својствено за салонски автомобили, се тотално несвојствени за валкање по терен, лакирани во две бои, со полирана секција.
Портокаловата боја на „Cup-Racing“ поставува акценти во внатрешноста
На тоа се надоврзуваат доминантните крила проширени со пластични арки и широките прагови. Типичната решетка од маската на Cupra е уште повеќе нагласена во предниот и задниот дел од возилото. Со големите отвори за воздух се нагласува силата на овој спротски автомобил, исто како и со четирикратниот издув и со големиот спојлер на покривот. За добра видливост се грижат диодни светла, вклучувајќи го и нивниот визуелен печат. Во енериерот се повторува портокаловата боја од каросеријата, во штеповите во седиштата, во кокпитот, воланот, вратите и средината од седиштата. Cupra!
За крај е сервирана ексклузивната апликација Seat ConnectApp, која овозможува со едноставна гестикулација да се ракува со телефонот, навигацијата и со пристапувањето на социјалните мрежи. Возачот сепак мора да има слободни раце, тристоте коњски сили под хаубата мора да се контролираат.

















