за ,

Франкфурт 2015: Светска премиера на Volkswagen Tiguan

Volkswagen Tiguan

Пристигањето на новата генерација на Tiguan во Франкфурт беше сосема извесно, единствено изгледот беше мистерија. Различно од вообичаениот манир за Volkswagen, новиот Tiguan целосно раскрстува со дизајнот на претходникот.

Преку 2,6 милиони примероци се продадоа од првата генерација на Tiguan. Volkswagen обично доцни со „новите“ сегменти на возила, но надоместува брзо. Втората генерација на компактниот спортски теренец не сака да дозволи никој да ѝ го презеде приматот. Tiguan и сите идни модели што ќе следуваат во офанзивата на Volkswagen во сегментот на спортските теренци ќе одиграат клучна улога во планот на Волфсбург да застане на врвот на автомобилскиот свет како нов број 1 и стартува остро и решено. Сé е ново, и различно од вообичаената стратегија на Volkswagen, тука се случува вистинска револуција место еволуција.

Затоа и не зачудува што токму Tiguan е првиот спортски теренец во целиот концерн што ја користи „суперплатформата“ MQB од Golf и Passat. Четири различни моделски изведби се изложени на гигантскиот штанд на марката во Франкфурт: Спортска верзија R-Line, класичен урбан модел и верзија доопремена за возење по терен, како и хибриден модел со ознаката GTE, кој само го чека датумот што за неговото појавување го одредиле стратезите во Волфсбург. Мала сензација е тоа што Tiguan GTE поседува соларен модул што дава струја за батериите, доволна за 1.000 километри на годишно ниво, односно струја за нешто повеќе од 2,5 километри на ден.

[quote_box_left]Пазарните аналитичари предвидуваат дека сегментот на компактни теренци до 2018 година ќе порасне на девет милиони примероци годишно, односно 9% повеќе од актуелното ниво. Колку расте интересот за овие возила сведочи фактот што лани Volkswagen произведе преку 500.000 примероци од Tiguan, повеќе отколку во годината пред тоа, иако претстоеше генерациската смена.[/quote_box_left]

Како што челниците на марката веќе најавија, Volkswagen Tiguan ќе се понуди и во верзија со продолжено меѓуоскино растојание. Пазарниот старт за овој Tiguan XL е најавен за напролет во 2017 година. Кина и САД се главните пазари за неговиот пласман. Сосема е извесно дека Volkswagen ќе „изненади“ и со купе-верзија на теренецот.

Исто како кај Passat и Golf, новата платформа MQB донесе намалување во тежината на Tiguan, конкретно за преку 50 килограми, иако каросеријата порасна драстично во споредба со претходникот. Багажникот располага со спектакуларна зафатнина од 615 литри, односно максимални 1.655 литри со соборена клупа. Тоа е плус од 145 литри.

Соларниот модул во хибридниот Tiguan дава бесплатна струја за 2,5 километри секој ден
Соларниот модул во хибридниот Tiguan дава бесплатна струја за 2,5 километри секој ден

Потрошувачката исто така профитира од олеснувањето, земајќи го во предвид и уделот на оптимираните мотори. Под хаубата ќе работат погонски агрегати во дијапазон меѓу 115 (1.4 TSI) и 240 КС (2.0 TDI Bi-Turbo), со заштеда во потрошувачката до 24 проценти. Погонот 4Motion е унапреден со „активна контрола“, за поедноставно и попрецизно приспособување според условите на возење, односно со ротациски бирач со посебни модуси за возење по асфалт, по снег, по терен, како и со модус што возачот сам го дотерува. Повеќе од пристојна вредност е дозволената тежина на приколка од 2,5 тони во најсилните моделски изведби на Tiguan.

Системи за асистенција во стандардната опрема, полна поддршка за iOS и Android

Неколку важни системи за асистенција доаѓаат стандардно: Самостојно запирање при опасност од судир, со препознавање пешак на патот, систем за активно следење лента и мултиколизиска сопирачка. Преку интернет ќе се добива многу поголем обем на информации и услуги, почнувајќи од автоматска дојава при незгода на пат, преку информации за сообраќајните услови и за слободни паркиралишта, до извештај за состојбата на возилото. Новата електронска мрежа во возилото преку App-Connect ги подржува сите преносни уреди што работат на iOS и Android и овозможува истите да се интегрираат во мултимедискиот систем во возилото.

Каросеријата порасна за 6 сантиметри и сега мери 4,49 метри од крај до крај, додека меѓуоскиното растојание порасна уште повеќе и со 2,68 метри е за близу 8 сантиметри подолго од порано. Во ширина се додадени 3 сантиметри (1,84 m), а висината е намалена за 33 милиметри (1,63 m). Целиот овој пораст резултираше со 29 милиметри повеќе простор за колената на патниците на задната клупа, односно во целина за 26 милиметри подолга кабина. На љубителите на теренското возење или за тие што ќе го користат Tiguan професионално по беспаќата, добредојден ќе им биде податокот дека растојанието од подлогата порасна за 11 милиметри и сега изнесува точно 200 милиметри.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Франкфурт 2015: BMW X1 со преден погон и три цилиндри

Франкфурт 2015: Mercedes Concept IAA се трансформира во возење