Рекордерскиот тркачки болид на Ford со бензинец од само еден литар ги докажа своите способности и пред публиката на Фестивалот на брзината во Гудвуд.
Со време од 7 минути и 22 секунди на Северниот Јазол, како што е името на дваесеткилометарскиот круг околу патеката во германскиот Нирбургринг, Ford FF1 го постави рекордот за својата класа, но и единаесеттото најдобро време воопшто регистирано на патеката. Со такви постигнувања, FF1 заслужува да се појави и докаже пред публиката која што очекува спектакли и врвни достигнувања, на дваесеттото издание на Фестивалот на брзината во Гудвуд, кој што е во полн ек во овој викенд.
FF1 користи засилена верзија на еднолитарскиот бензинец со три цилиндри од генерацијата EcoBoost, кој е воедно и Светски мотор на годината, веќе две години по ред. Само три производители успеале две години по ред да го имаат најдобриот меѓу најдобрите мотори на светот. Со тежина од неполн половина тон и со моќност од 200 КС, болидот FF1 забрзува до стотка за помалку од четири секунди.