Успешниот Swift доби освежување за втората половина од моделскиот век. Промените во изгледот се незначителни, што не важи и за техниката под хаубата. Најштедливиот Swift сега троши 3,9 литри дизел.
Новото моделско годиште на бестселерот на Suzuki во сегментот на градските автомобили се препознава по новата структура на решетката на маската, како и по благите промени во изгледот на предниот браник, кој во повисоките нивоа на опрема поседува дневни светла со светлечки диоди. Поскапите модели ќе имаат и трепкачи во ретровизорите, за поубедлив стилски настап, но и за подобра воочливост во сообраќајот. Во кабината се забележува нов дезен на облогите на седиштата.
Алу-бандажите од 16 инчи добија нов дизајн, исто како и украсните капи за тркалата во основните изведби на моделот. Палетата од бои за каросеријата е дополнета со три нови бои, металик жолта и кафена и сина боја со бисерен ефект.
Со оптимирање на преносните односи во 3-от, 4-от и 5-от степен, дизелските варијанти на Swift трошат помалку гориво, конкретно 3,9 место 4,2 литри на сто километри. Верзијата со погон на сите тркала и 1,2-литарски бензинец исто така е поштедлива, со 6,5 место 6,7 литри.
Понудата од погонски единици и натаму се состои од темпераментен 1,2-литарски бензинец и штедлив дизел од 1,3 литар и 75 КС. Обата мотори се достапни со старт-стоп во повисоките нивоа на опрема. Со овој систем, потрошувачката на дизелот се намалува за 0,1 литар, односно за 0,3 литри кај бензинецот со 94 КС. Со доплата, бензинскиот модел во каросериската изведба со пет врати е достапен и со четиристепен автоматик. Како специјалист за погон на сите тркала, Suzuki го нуди Swift, исто така во каросериската изведба со пет врати и со бензински мотор, во верзија со погон на сите тркала.
Актуелната генерација на Swift е достапна на нашиот пазар со цена на основниот модел од 9.990 евра и комплетно ниво на опрема, вклучувајќи клима уред, радио, комплетна комфорна електрика, контрола на стабилност и седум воздушни перници. Во комбинација со моќен бензинец со 94 КС, ова ниво на опременост прави Swift да биде меѓу моделите со најдобра противвредност на нашиот пазар.