Со претставувањето на теренецот Duster, многумина ги променија гледиштата на евтината романска марка. За втората половина од моделскиот век, Dacia го освежи популарниот модел.
Покрај комбилимузината Sandero и лимузината Logan, теренецот Duster е третиот најпродаван модел на Dacia на европскиот пазар. За да се задржат високите позиции на моделот во продажните статистики, Романците го освежија популарниот Duster. Наесен компактниот теренец ќе се појави во продажните салони на марката со нова хромирана маска, со редизајнирани предни светла и со задни светла со хромирана рамка. Опционалниот носач за багаж на покривот ќе носи натпис Duster, а нов дизајн добиваат и бандажите од 16 инчи, исто така достапни со доплата.
Во техниката на моделот чија што премиера беше во 2010 година не се менува ништо. За топ моделот на романската марка ќерка на Renault и натаму ќе се нудат еден бензинец и два дизела, во дијапазон на моќност меѓу 90 и 110 КС. Моделските верзии со посилните мотори се достапни и во изведба со погон на сите тркала.