Фејслифт на омилениот Volkswagen на Американците

Најдобриот коњ во шталата треба да се негува и подобрува за да остане во трка за првото место во продажбата. Jetta веќе со децении е најпродаван модел на Volkswagen во САД.

Лимузината изведена од Golf во минатата година повторно беше најпродаван автомобил на „народната марка“ во САД. Jetta се продаде во повеќе од 130.000 примероци, па дури потоа следува Passat со 20.000 возила помалку. Претставен во актуелната генерација пред три години, овој „Волксвегон“ сега доживеа фејслифт на салонот во Њујорк.

Новиот нос на Jetta е понизок и поширок со цел на возилото да му се даде поспортски изглед. Променети се предните и задните светла, исто како и капакот на багажникот и браниците. За подобрување на аеродинамиката се користи активна маска, со ламели што самостојно се затвораат и отвораат, слично како кај премиерата на системот во BMW. Заедно со останатите мери во моделското освежување, новата Jetta со дволитарски TDI со 150 КС троши седум проценти помалку гориво и ги исполнува строгите норми за издувни гасови на Американците.

Тамошните купувачи сепак најмногу внимаваат на изобилството во сериската опрема. Jetta има алу-бандажи од 17 инчи уште во основното ниво, а во повисоките нивоа следуваат и биксенонски светла, како и системи за надгледување на мртвите агли и за предупредување при опасност од судир. Во облагородената кабина не недостигаат и радио со дисплеј на допир и камера за рикверц. Инструментите се поставени во „цевки“, дисплејот на патниот компјутер е во боја, средишната конзола е лакирана во сјајна црна боја, а нов е и дезенот на облогите на седиштата.

Освен комплетно новиот 2.0 TDI Clean Diesel, под хаубата на американската верзија на Jetta може да работи еден од трите понудени бензинци со моќност меѓу 115 и 210 КС, а отсега се нуди и хибридна верзија со системска моќност од 170 КС. Новата моделска генерација на Jetta ќе пристигне на европскиот пазар наесен.

Претходна објаваИталија ги продава владините автомобили
Следна објаваСалонот во Пекинг исто како да се одржува среде Германија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here