Компактниот теренец на Kia доби освежување за новата моделска година: Мали промени во изгледот, поблагородни материјали во кабината, повеќе опрема и поголем конфор.
Новата верзија на Kia Sportage ќе има премиера на салонот во Женева во март. Надворешниот дизајн е променет во неколку ситни, но клучни детали. Внатрешноста исто така е редизајнирана во неколку делови, а се користат и материјали со повисок квалитет. Со доплата или во серија кај повисоките нивоа на опрема стојат на располагање поквалитетен аудио пакет, нови задни светла со светлечки диоди, варијабилно сервоуправување Flex Steer, електрично местење на возачкото седиште, греење на воланот и контрола на стабилност при влечење приколка.

Напредок е постигнат и во комфорот во возење, преку низа мери за потиснување на звуците и вибрациите од патничката кабина. Тоа подразбира подобрена изолација на ветробранот од бучава од ветер, но и неколку промени во подвозјето, особено во делот на држачите на менувачот.

Лани Kia продаде 89.553 од Kia Sportage во Европа, што е зголемување од 10,5 проценти во споредба со 2012. Спортскиот теренец се произведува во фабриката на Kia во Жилина, Словачка.